Следната година уште потешка за автомобилската индустрија, велат познавачи


 

Финансискиот директор на „Фолксваген“ смета дека 2023 година ќе биде „уште попредизвикувачка“ година за автомобилската индустрија од оваа, пред сѐ поради инфлацијата и влошените економски прогнози коишто ќе влијаат на падот на побарувачката за нови автомобили. Сепак, ова најверојатно значи дека и цените ќе бидат пониски.

Арно Анлиц, главен финансиски директор на групацијата нагласи оти „Фолксваген“ ќе мора да го подобри производството и да ги намали фиксните трошоци, бидејќи не може целосно да ги пренесе зголемените трошоци за суровини и енергија на потрошувачите.

И додека очекува бројот на продадени автомобили да биде поголем, Анлиц верува дека тој раст ќе биде мал. Производителите на автомобили, коишто оваа година се борат со сериозен недостиг на чипови, како и со зголемените трошоци за енергија, сметаат на олеснувања за да ги зголемат пратките и тогаш кога побарувачката е пониска.

„Фолксваген“ сè уште има „полни книги“ со нарачки, но како што продажбата расте, ќе станува сè потешко да се префрлат зголемените трошоци на крајната цена на автомобилот. Со поголема понуда и намалена побарувачка, се очекува автомобилите да бидат подостапни следната година, како во однос на времето на испорака, така и во однос на цената. За тоа сведочат и првите попусти на нови автомобили во Германија по речиси три години.