Славниот Кундера ја подарува личната библиотека и архива на родниот град Брно


Франција– Писателот Милан Кундера (91)кој е автор на познатото дело „Неподносливата леснотија на постоењето“, решил својата приватна библиотека и архив да ја подари на градската библиотека на родниот град Брно во Чешка, каде го поминал детството, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Раководството на библиотеката во Брно соопшти дека целата колекција книги на Кундера ќе биде пренесена од Париз каде што живее Кундера, во Чешка наесен.

Познатиот писател ги подарува и своите книги преведени на чешки јазик и на уште четириесет други јазици, како и написи од весници кои ги пишувал, списанија и критики на неговата работа, фотографии и цртежи.

Се ќе биде достапно за јавноста, претежно во дигитална верзија, соопшти библиотеката во Брно.

Кундера е најпознатиот и најчитан современ писател со чешко потекло, кој живее во Париз од 1975 година кога избегал од комунистичкиот режим во Чешка.

Меѓу неговите дела се „Книга за смеата и за заборавот“, „Бесмртност“, „Празникот на безначајноста“ и „Животот е на друго место“. Негова последна книга е „Незнаење“, напишана на француски јазик и објавена во 2000 година.