Славната манекенка Јованка Мазиќ ја омажи ќерката Ангела: Во прекрасни раце е, тоа ме упокојува


Во прекрасниот амбиент на манастирот „Свети Јован Бигорски“, во кругот на потесното семејство, без јавни фаци, некогаш славната манекенка со најубавите сини очи, а сега одговорно лице за организирање свадби во хотелот „Мериот’, Јованка Мазиќ, ја омажи ќерката-единица Ангела, магистриран архитект, со големо работно искуство во областа на проектирањето и изведба на станбено-деловни објект. Избраникот е Дарко Ал Блана, е магистар по казнено право кој работи како адвокат во адвокатско друштво. Црковното венчавање се одржа со благослов на почитуваниот  Епископ Антаниски г. Партениј. Свадба, здравје, наесен, вели Мазиќ.

По што се разликува амбиентот на Бигорски од другите места? Што почувствувавте кога заѕвонеа црковните ѕвона?

– Со години наназад имаме воспоставено блиска конекција со дел од монасите од манастирот Свети Јован Бигорски, па така уште од почетокот се знаеше дека црковното венчавање ќе се случи токму во овој манастир. Манастирот за мене има некоја посебна енергија, која вибрира со спокој, мир, прекрасна природа, особено во периодот на пролетта кога сѐ е разеленето и расцутено. Прекрасната глетка кон планините од спротива, ви го одземаат здивот и ви раѓа чувство како да сте во некој друг свет. Љубовта и енергијата со која зрачат монасите е неприкосновена и секогаш ве привлекува повторно да се вратите на ова место.

Овој 1000 годишен манастир зборува за својата долга историја и посветеност на служба на бога и духовно просветлување на верниците, ве маѓепсува со својата убавина. Од причина што не толку често се одржуваат венчавки во овој манастир, ни беше посебна чест овој убав чин да се одржи на ова место. Целата церемонија беше предводена од Епископ Антаниски г. Партениј, придружуван од монах Кирил, монах Ефросиниј, монах Анатолиј, како и од монахиња Касијана и монахиња Барбара од манастирот Свети Шорги победоносец Рајчица, на кои што сме им неизмерно благодарни. 

Што почувствувавте како мајка, која ја мажи ќерката единица?

Искрено секогаш претходно кога ќе замислев таков момент дека ја мажам мојата ќерка, солзи ми навирале во очите.Но со оглед на тоа дека сум сигурна дека е во прекрасни раце, кои ќе и пружат внимание, грижа и љубов , ме упокојува тоа сознание. Тие и претходно остварија заеднички зивот, па можеби и тоа беше олеснителен момент за мене, да ја надминам полесно таа “разделба“.  Нивното запознавање е сосема случајно и неочекувано, кое секогаш кога го прераскажуваме, ни е неверојатно. Тие живеат веќе година ипол заедно, а во врска се две ипол години. И мојот поранешен сопруг  Александар беше на венчавката. Како родители сме секогаш сплотени кога се однесува за поддршка и грижа за нашата ќерка Ангела.

Чија венчаница избра Ангела?

На оваа церемонија Ангела остана доследна на нејзиниот н конвенционален стил, па затоа не беше во обична венчаница, туку комплет сако/фустан со проѕирни панталони, креација на српски дизајнер специјално креиран за неа.

А вашиот изглед?

За мојот изглед се погрижи мејк ап артист кој повремено го посетувам за некои посебни прилики. Гардеробата секако сама ја одбрав, водејќи сметка да биде пригодна за вакој тип на настан, не многу свечена но сепак елегантна која што и доликува на мојата фигура и стил.

Мазиќ, една од најславните македонски манекенки, заедно со  Ирина Доганџиска, Сани Јаначковска –Богдановска, Наташа Апостолова, Сања Јовановиќ, Тања Божиновска…, во чие модно портфолио се и бројни реклами за најголемите домашни и ексЈУ брендови, со манекенство почна да се занимава уште кога била четврта година во средно училиште во Јосип Броз Тито.

– Активно се занимавав со манекенство сѐ до 1995 до моментот кога  ја родив Ангела. Но секако кариерата не застана тука. Со мали прекини активна бев се до 2001—2002, вели Јованка.

Ќерка ѝ Ангела не ги следеше нејзините стапки како манекенка.

-Иако Ангела позираше заедно со мене за детска колекција кога имаше неполна 1 година, немаше некои афинитети кон тоа да биде манекенка.На неколку наврати зема учество на неколку ревии и се појави како тв лице на реклами. Но најверојатно не се пронајде во таа професија или хоби. Се насочи кон музиката , посетуваше нижо музичко училиште каде практицираше клавир и солфеж пеење. Потоа вистински се пронајде во архитектурата која што ја одбра и како професија, вели Мазиќ.