Кој го крши Уставот, Данокот за солидарност или Уставниот суд, прашува даночниот експерт Славко Лазовски


 

Нашиот познат даночен експерт Славко Лазовски, кој долги години работеше во Министерството за финансии и беше активно вклучен во даночните реформи во земјава, но и како пензионер редовно дава коментари за прашања од даночната област, во пост на Фејсбук се осврна на одлуката на Уставниот суд за поништување на Законот за солидарен данок, за кој вели дека „контроверзна“.

„Данокот и правото не се спротивставени, туку се во една симбиоза, која им е толку природна, едноставно не е можно едно без друго. Може некој елемент од данокот да отскокнува од оваа испреплетеност, но тоа е само некое делче од искаеното платно. Но, целиот данок никогаш“, пишува Лазовски.

Според него „сите правни болки: правна сигурност, правна положба и правна неизвесност произлегуваат од наводно неговата ретроактивност“.

Лазовски се осврнува на темелните вредности и карактеристики на овој данок посочувајќи две одредби од Законот: член 3. став (1), кој гласи: ,,Со данокот за солидарност се обезбедуваат финансиски средства кои ќе се користат за финансирање на Потпрограмата П 1 – Мерки за справување со Covid19 кризата и други антикризни мерки, во раздел 040.01 – Влада на Република Северна Македонија.“ и член 4, став (1, кој гласи: ,,Обврзник на данокот за солидарност е обврзникот на данокот на добивка согласно со Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари.“, како и, како што вели „она што го додаваме во вакви случаи: – Останатите одредби на Законот служат за остварување на овие две одредби“.

Лазовски го разгледува овој данок од даночен аспект, потсетувајќи дека Законот за данок за солидарност е донесен на 19 септември, објавен на 25 септември и влегува во сила на денот на објавувањето.

„Законодавецот оценил и ја прифатил итноста и наметнал обврски од 25 септември. Исто како и кај секој друг даночен закон. Овде нема простор ниту да се наметне прашањето за ретроактивност“, вели Лазовски, додавајќи дека ретрокативноста може да се провери со временската рамка, која важа и за секој друг вид данок. 

Неговата временската даночна рамка е:
– даночниот период е од 1. 1. 2022 до 31. 12. 2022 г.:
– пресметковниот период е од 1. 1. 2023 до 25. 9. 2023 г. и
– рокот за плаќање е од 25. 9. 2023 до 25. 10. 2023 г.

„И овде нема ретроактивност, туку сосема вообичаена временска даночна рамка“, вели Лазовски.

Според него, забуната, најверојатно, ја прави даночната основа.

„Специфичност кај даночната основа пропишана со овој закон е тоа што таа е од типот на посебни даночни основи. Посебните даночни основи се поретки, но се поприсутни. Ништо ново и ништо невообичаено. Посебните даночни основи, се во групата на стварни даночни основи и се поблагопријатни за даночните обврзници. Тие се за таа намена. Но, во овој закон даночната основа е врз основа на податоците за 2022 г. Таа не е даночна основа за 2022 г. туку новоформирана даночна основа која користи податоци од 2022 г. Даночната основа за 2022 г. си завршила работа за данокот на добивка. За целите на оданочувањето со данокот за солидарност законот формира нова даночна основа, а доказ за тоа е што новата даночна основа е помала за 615.000.000 денари од даночната основа за 2022 г. Не може ретроакативноста да ја наоѓаме во новиот данок затоа што зема податоци од стариот данок. Разликата меѓу даночната основа за 2022 г. и даночната основа за овој данок е очигледна. Тука нема ретроактивност“, вели Лазовски.

Тој додава дека овој закон воведува посебна јавна давачка, освен што има посебна даночна основа има и карактеристични примеси на даночниот вид – прирез, кој се уште го немаме во нашиот даночен систем.

„Данокот за солидарност се потпира на друг вид данок – на данокот на добивка, што е типично за прирезите. Ова е збогатување на нашата даночна структура, а позајмувањето на податоци и вметнување на примеси од друг вид данок, се прави заради намалувањето на трошоците на оданочувањето. И сето ова е вобичаено во фискалната техника и во догледно време ќе ги има во сѐ поголема мера. И ова не може да се подведе под ретроактивност“, вели тој.

Во однос на застарувањето и правната неизвесност, Лазовски вели дека и даночниот долг е под закана на застарување, како е секој долг.

„Оданочувањето во рамките на рокот на застарувањето не прекинува. Оданочувањето е општествен процес што тече, тоа не престанува ниту на ниво на поединечен даночен должник. Оправдување за ова е во тоа што задоволувањето на потребите на членовите на заедницата ниту во еден момент не престануваат. Поради тоа е вградено следното решение во Законот за даночна постапка: – Даночниот долг може да се утврдува во износи поголеми или помали пред истекот на рокот за застарување. Ова значи дека може да се корегира износот на данокот, но само во рокот на застарувањето. Можеме да зборување на правна неизвесност и правна сигурност само доколку утврдуваме данок по рокот на застарување. За данокот утврден според Законот за данокот за солидарност многу далеку е рокот на застарување. Правната неизвесност и треба да биде присутна во рамките на рокот на застарувањето. како што е присутна во рамките на даночниот период. Во тие рокови данокот може да оди и нагоре и надолу, тоа значи и нов данок, како што ќе значи и укинување на постоечки вид данок. Значи имаме проширена неизвесност не само во даночниот период туку и во рамките на рокот на застарувањето“, објаснува во својот пост Лазовски.

Осврнувајќи се на прашањето за самооданочување и правната неизвесност, тој вели дека техниките на оданочување или начините на утврдување на даночниот долг се: со самооданочување и со даночно решение.

„Неспорен факт е дека солидарниот данок и данокот на добивка за 2022 г. се утврдени со самооданочување. Даночниот должник точно знае што остварил и што пријавил, само требало да знае дека профитот подлежи на оданочување се до истекот на рокот на застарувањето. Тоа е оданочување на докази. Значи подлежи на оданочување, не е битно дали е изменето, намалено, зголемено или ново оданочување. Фактот дека целата добивка или дел од неа веќе ја инвестирал, Законот за даночна постапка му нуди решение – одлагање на плаќање на даночниот долг. Водено е сметка и за тој факт“, вели Лазовски.

За инвестициските даночни ослободувања и олеснувања, Лазовски посочува дека ги имаме многу малку, но при оценувањето на уставноста на Законот за данокот за солидарност, мора и тие да се земат во предвид. Значајно, според него, е да се земе во предвид следното ослободување: – Даночната основа се намалува за износот на извршените вложувања од добивката од претходната година (реинвестирана добивка).

Во однос на прашањето за пренесување на профитот/загубата нанапред или наназад, Лазовски вели дека во нашиот даночен систем имаме само пренесување на загубата нанапред.

Тој објаснува дека Законот за данокот на добивка дава можност: – Доколку даночниот обврзник оствари загуба може да ја пренесе на товар на добивката во идните пресметковни периоди најмногу до три години сметано од годината во која е искажана загубата. И тоа не сѐ: туку плус специјално повластување: – Доколку во 2020 и 2021 година даночниот обврзник оствари загуба може да ја пренесе на товар на добивката во идните пресметковни периоди најмногу до пет години сметано од годината во која е искажана загубата.

„Ако е така, зошто оние што оствариле екстра добивка да не платат поголем данок и тоа нов данок? Треба да се погледне правната неизвесност и правната сигурност и од страната на Буџетот“, коментира во својот пост на Фејсбук, даночниот експерт Славко Лазовски.

Како што е познато, на 5 овој месец, Уставниот суд донесе одлука за поништување на Законот за солидарен данок, по што државата ќе треба да врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании.

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, на прес-конференција појасни дека компаниите имаат право во рок од пет години, доколку сметаат дека со тој закон им биле повредени правата, да бараат од надлежниот орган да се поништат решенијата со кои им се повредени правата.

„Вакво ретроактивно дејство на закон е апсолутно недозволено. Значи правната сигурност на субјектите во правото тие мора да имаат правна предвидливост и правната сигурност. Субјектите во правото мораат да знаат што ги чека, не може сред игра да им ги менуваш правилата на игра. Тоа е правната предвидливост, тие носат проекции и во тоа се состои суштината на владеење на правото. Кога владее правото ти знаеш што те очекува, дека оваа година на толку остварен профит, толку данок ќе платам. Се друго води кон правна непредвидливост и правна несигурност“, изјави Костадиновски.