Славиша Каjевски мечтаеше за ваква сцена, за ваква публика: Културната елита на отварањето во МНТ со „Црнила ремикс”


„Оваа куќа е потешка од која било карпа, но последниот најмлад одронат камен нам ни даде искра, ни даде сила дека ништо не е попусто. Дека треба да одиме напред, сè посилно. Да, токму Славиша Каjевски мечтаеше за ваква сцена, за ваква публика, за ваква сплотеност. Затоа вечерва сме тука собрани, во негова чест, да отвориме нови видици, нови врати и да не забораваме, кажа синоќа на отворањето на летната сцена „Славиша Кајевски“ ( Терасата на националниот театар) Никола Кимовски, в.д. директор на МНТ, во присуство на семејството на Кајевски,  пријатели, и бројни гости од културната фела кај нас.

Никола Кимовски, в.д. директор на МНТ со министерот за  култура и туризам Љутков

„Благодариме на довербата на овој простор да создадеме нов свет за нас и за идните генерации. Ова културно поле, ова прекрасно плато на МНТ долги години беше празно. Затоа сме овде да посадиме семе, семе кое ќе инспирира да продожиме напред во животот. Мојата огромна заложба ќе биде ова семе, оваа летна сцена, да пушти корени и да биде нов културен простор за нашата публика и воедно и значаен пример како треба меѓусебно да се вреднуваме и да се почитуваме, кажа синоќа Кимовски.

Кимовски со Јордан Симонов

Отворањето започна со гласот на актерот Славиша Кајевски како изговара реплики на ликовите од драмите во кои играше на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ).  Прерано починатиот Кајевски трагично го загуби животот на 39 години во декемврии 2021 година и беше дел од ансамблот на националниот театар.

Потоа беше изведена музичко-драмската претстава „Црнила ремикс” во продукција на Младински културен центар (МКЦ) и музиката на диџејот OKY DOKY. Режисер на ова современо читање на драмското дело на Коле Чашуле е Јордан Симонов кој работеше заедно со Дарко Димитриевски и Павле Димковски од рап-колективот „Зад аголот”. Во претставата играат: Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски – колектив „Зад аголот“.

Летната сцена ќе работи до први октомври, а на програмата се претстави од МНТ и од други театри, но и музички и настапи на диџеи. Во случај на невреме, содржините нема да се откажуваат туку ќе се изведуваат во театарот. Вечерва од 21 часот е стенд ап шоуто на Сашко Коцев „Широк дијафазон“.

Фото: Крсте Шупев за МНТ