Слави Трифонов си игра мајтап со „реформаторот“ Христо Иванов


Откако копретседавачот на Демократска Бугарија Христо Иванов утринава повторно ги критикуваше предложените министри за пропадната влада и ја повика партијата на Слави Трифонов „да излезе од нејзиниот тежок политички пубертет“, лидерот на Има таков народ (ИТН) преку Фејсбук си играше мајтап со него. Откако Иванов и другите лидери на таканаречените протестни партии го отфрлија кабинетот предложен од Трифонов сега бараат од шоуменот-политичар да ги поддржи нивните предлози да се формира влада и да не се оди на трети избори оваа година.

На ова Трифонов вака му одговори:

„Денес Христо Иванов повторно ги коментираше биографиите на предложените министри од Има таков народ. Во оваа прилика, сакам да споделам една хипотеза.

Ако Има таков народ го предложеше за премиер Христо Иванов од Демократска Бугарија, кругот околу нив ќе го кажеше следново:

‘О, не – тоа не може така!’ Таткото на Христо Иванов бил член на Бугарската комунистичка партија. Мајката на Христо Иванов исто така била член на Бугарската комунистичка партија. Таа е позната и по митингот на кој одржа жесток говор во одбрана на Ахмед Доган, кој, според наше мислење, денес јаправи владата на Слави Трифонов.

Христо Иванов бил градежен работник, дипломиран правник, но не се знае дека работел како адвокат и не е познато дека имал клиенти.

Всушност, тој беше регистриран како адвокат во 2002 година, но поради неплаќање членарина во Адвокатската комора во Софија, тој беше казнет неколку пати и беше лишен од правото да работи како адвокат.

Подоцна, неговата единствена работа беше да работи во невладини фондации и организации.

Во 2014 година, Христо Иванов стана вршител на должноста министер и вицепремиер во кабинетот на професорот Георги Близнашки, истакнат претставник на Библиотечниот круг, кој според наше мислење денес ја формира владата на Слави Трифонов.

Потоа стана министер на Бојко Борисов, кој е ‘мутра’ и ‘дел од мафијата’, според зборовите на самиот Христо Иванов. Зборови кажани од Иванов пред да се согласи да биде … министер на Борисов. Откако стана министер за Борисов, Христо Иванов рече дека тоа се смешни работи, тој користел уличен јазик и работел со господата Борисов и Цветанов апсолутно колегијално.

Подоцна, Христо Иванов учествуваше на тајни состаноци за формирање нов политички проект. Во јадрото на средбите е бизнисменот Иво Прокопиев, кој важи за кадровик и лобист во неколку влади. На состаноците присуствуваат и голем број современи новинари и аналитичари, кои денеска го напаѓаат Слави Трифонов преку интернет дека некој му крои неговата влада.

Подоцна, Христо Иванов стана еден од главните виновници за поделбата на десницата. Раскол што ги остава сите десничарски партии надвор од парламентот за цели четири години.

Така што, ако може Има такви луѓе да го сменат кандидатот за премиер и да предложат друг“, напиша Трифонов.

Нема никаква назнака како би можела Бугарија да излезе од сегашнава целосна политичка пат-позиција. Мандатаот од претседателот Румен Радев сега треба да го добие партијата на Бојко Борисов, ГЕРБ. (Н.В.)