Славески тврди дека минималната плата сега вредела 15.000 денари


 

Откако премиерот Димитар Ковачевски синоќа на трибината во Крива Паланка го повика високиот функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, да дојде и да им каже на рударите дека минималната плата од 18.000 денари била многу, со реакција се јави Славески во која тврди дека реалната вредност на минималната плата е помала.

„И по осум месеци од стапувањето во сила на Закон за минималната плата во мај оваа година не е применет членот 8 од законот за усогласување на сите плати во јавниот и приватниот сектор со порастот на минималната плата. Поради ова, владата на Ковачевски е тужена од страна на нивниот омилен синдикат, ССМ, сè со цел да се затапи острицата на синдикалната борба за остварување на правата на работниците утврдени со закон.

Со стапка на инфлација од близу 20%, толку фалената минимална плата од 18.000 денари е реално намалена за цели 8% и во просек вреди колку што пред една година вредеа 16.500 денари. За тие што ја примаат минималната плата, со оглед на тоа што тие повеќе трошат за храна и други основни животни потреби, износот на минималната плата денес реално вреди дури и помалку од 15.000 денари“, вели Славески.

Според неговото толкување околу две третини од порастот на цените кај нас отпаѓаат на домашни фактори, а само една третина од инфлацијата е увезен од високите цени на храната и енергијата на светските берзи.