Славески најавува итен ребаланс на Буџетот и кратење на непродуктивните трошоци

Ќе ги реализираме во целост капиталните инвестиции и во првите 100 дена ќе обезбедиме еднократна парична помош за лицата со ниски примања, невработените и оние кои изгубиле работа, вели Славески

 

Итен ребаланс на буџетот и целосно кратење на сите непродуктивни и неприоритетни трошоци, реализација на сите планирани капитални инвестиции за 2020 година со цел стимулирање на домашната економија, најави денес Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, претставувајќи дел од преидната стратегија на ВМРО-ДПМНЕ за справување со здравствено-економската криза.

Дополнително, во буџетот за 2021 година ќе бидат планирани капитални инвестиции во износ поголем од 3,5 отсто од БДП“, рече Славески.

Тој исто така најави дека ќе се разгледа можноста за натамошно одложување на кредитните обврски за оние граѓани кои сè уште ги чувствуваат ефектите од кризата и евентуално олеснување на кредитните услови за нив, а дополнително ќе се обезбеди поддршка за сите граѓани кои на некој начин се погодени од оваа економска криза.

Критикувајќи ја мерката на домашна платежна картичка, Славески рече дека вво програмата на ВМРО-ДПМНЕ се предвидува дополнителна еднократна парична помош од 100 евра за сите вработени лица во државата чии примања не надминуваат 15.000 денари, еднократна парична помош во висина од 150 евра за сите невработени лица кои не добиле помош со мерката за национални платежни картички, како и еднократна парична помош од 200 евра за сите лица кои ги изгубиле своите работни места поради кризата.

Со овие мерки вистински ќе им помогнеме на нашите граѓани, но истовремено ќе им помогнеме на домашното стопанство и на туризмот со поттикнување на домашната потрошувачка, што, пак, ќе има дополнителни мултипликативни ефекти за националната економија“, рече Славески.