Независноста на НБ и фискалната консолидација во фокусот на средбата на Славески и Димитриеска Кочоска во ММФ
Гувернерот на Народната банка Трајко Славески и министерката за финансии Димитриеска – Кочоска остварија средба со заменик-генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка коишто се одржуваат во Вашингтон, соопштија во одделни соопштенија од НБ и МФ.
Разговорите, како што се наведува во соопштението на НБ, се одвивале во контекст на засилена глобална неизвесност, предизвикана од геополитичките тензии на Блискиот Исток и значаен фокус на самата средба беше ставен на ефектите врз светските енергетски текови, инфлациските притисоци и потенцијалните ефекти врз економските изгледи. Двете страни размениле мислења за потребата од внимателно следење на ризиците и навремена подготвеност на креаторите на политики за адекватен одговор во случај на нивно прелевање врз домашната економија.
Посебен акцент бил ставен на можноста од појава на индиректни, односно второстепени ефекти врз инфлацијата, при што било нагласено дека Народната банка будно ја следи состојбата и е подготвена, доколку е потребно, да реагира со расположливите монетарни инструменти со цел зачувување на ценовната стабилност.
Гувернерот Славески ја истакнал определбата на Народната банка за водење претпазлива, конзистентна и кредибилна монетарна политика, која е насочена кон одржување на стабилноста на цените и заштита на финансиската стабилност во услови на засилена глобална волатилност и неизвесност.
Во разговорите било нагласено и значењето на независноста на централните банки, вклучително и нивната оперативна и финансиска независност, како клучен предуслов за ефективно и навремено спроведување на монетарната политика и за одржување на довербата во институциите. Во овој контекст беше истакнато дека стабилните институционални рамки се особено важни во периоди на зголемени надворешни шокови и брзи промени во глобалното окружување.
Од страна на соговорниците била реафирмирана важноста на континуираната соработка меѓу Народната банка и ММФ, како и поддршката на Фондот во насока на натамошно унапредување на аналитичките и институционалните капацитети.
-Средбата, како што беше оценето, претставува потврда на заедничката заложба за одржување на макроекономската стабилност и зајакнување на отпорноста на економиите во услови на зголемени глобални ризици, при што централните банки остануваат клучен столб на стабилноста, се вели во соопштението на НБ.
Во соопштението на Министерството за финансии се вели дека на средбата било потенцирано дека спроведувањето на фискалната консолидација е особено важна за создавање простор во буџетот за реакција на фискалната политика во услови на криза. При тоа беше укажано на мерките што се спроведуваат во моментов за поддршка на економијата и граѓаните заради растот на цените на енергенсите а како последица на конфликтот на Блискиот Исток.
Министерката посочи дека Владата има внимателен пристап и дека се следи состојбата и се преземаат соодветни мерки за справување со предизвиците.
Соговорниците се осврнаа и ги поздравија наодите на извештајот од Мисијата на ММФ за член 4, којашто беше спроведена во текот на минатиот месец, и упатија на натамошно спроведување на реформите во областа на јавните финансии за кои нашата земја добива значајна експертиза од ММФ.
Исто така, беше поздравено и формирањето на новата иницијатива за поддршка на земјите од Западен Балкан и Молдавија во зајакнување на институциите, креирање политики и спроведување реформи во согласност со европските стандарди.