„Слабото ВМРО од Пржино“ било за Тодоров


Експремиерот Никола Груевски вчера се јави од Будимпешта по подолго време. Ги коментираше настаните од аферата „Рекет“ и заклучи дека за опозицијата е подобро да има редовни избори бидејќи така и победата ќе била повисока, но оти за земјава би било најдобро да гласаме уште утре. Во подолгото традиционално излагање на Фејсбук, поранешниот шеф на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен азилант, сепак, не одговара ниту збор на изјавите на новото партиско раководство дека нема да дозволат уште едно Пржино, отворено признавајќи го слабиот капацитет во тие моменти на партијата со која раководеше Груевски.

Пржинскиот договор, со кој, меѓу другото, беше формирано Специјалното јавно обвинителство, а чиј предмет, како игра на судбината, го „натера“ Груевски да побегне од земјава, беше потпишан на 2 јуни 2015 година. Параф на договорот под будно око на меѓународните претставници, покрај Груевски, ставија првите луѓе на (тогаш) останатите три најголеми партии: Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи.

Всушност, формирање на нова институција, чија задача беше да ги процесира индикациите за криминал што произлегуваа од прислушуваните разговори, беше најголема пречка во мачните преговори меѓу партиите. Како главни преговарачи во тимот на ВМРО-ДПМНЕ беа министрите Никола Тодоров и Никола Попоски, иако во преговорите учествуваа и низа други тогашни високи партиски и државни функционери.

Нема сомневање дека тогаш бевме во исклучително слаба преговарачка позиција“, велат денеска во ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа го образложуваат со тоа што „бомбите“ на опозицијата веќе силно грмеа, притисокот од јавноста беше сè поголем, а министрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, како и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, веќе дадоа оставки.

Впрочем, затоа и седнавме да преговараме“, коментираат во белата палата.

Сепак, во партијата не сметаат дека вината за, според нивните согледувања, лошиот исход на преговорите, лежи во Груевски, кој беше апсолутен лидер, а на крајот на краиштата и потписник.

Тогаш не бевме свесни дека во сопствените редови имавме преторијанец“, велат соговорници во ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа, како што велат, станало јасно многу подоцна, кога партијата ја изгуби моќта и премина во опозиција.

Набргу го видовме вистинското лице на Тодоров“, тврдат во партијата.

Тие му забележуваат на ексминистерот за здравство дека во тоа време многу ретко стапнувал во партијата, но затоа се зближил со функционери од новата власт. Недоразбирањата со Тодоров кулминираа минатиот октомври, кратко по пресвртот во парламентот и обезбеденото двотретинско мнозинство во парламентот за поддршка на договорот за името со Грција. ВМРО-ДПМНЕ тогаш исклучи неколку свои членови обвинувајќи ги дека учествувале во врбувањето на осумте вмровски пратеници, меѓу кои и Мијалков и Тодоров.

Тодоров, кој во меѓувреме ѝ се посвети на адвокатурата, отворено е против новото раководство на партијата и Христијан Мицкоски како нејзин лидер.

Мицкоски мора да знае дека неговата политичка амбиција како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, но и обврска кон членство и структурите на партијата кои го поддржуваат и кон оние кои не го поддржуваат, но се бескрајно верни, лојални и посветени на партијата и на државата, не е да победи на парламентарни избори, туку и на претседателските. Како сакаме да победиме ако повторно сме скарани со целиот свет, повторно се делат луѓето на предавници и патриоти и повторно живееме во историјата? Поделени и раскарани, дополнително го делиме и онака поделеното македонско национално ткиво. Кај младите сме тапа, во Скопје не проаѓаме. Не ја бива вака дечки. Менувајте ја тактиката радикално, борете се од внатре и обидете се да влијаете врз курсот на партијата, зашто очигледно ја носат во погрешен правец“, посочи Тодоров во едно од неговите јавни излагања.

Груевски, пак, од Будимпешта неодамна се правдаше дека пржинскиот договор го потпишал затоа што Ахмети и Тачи го уцениле дека ќе ја напуштат коалицијата во Владата ако не стави потпис.

Мицкоски и генсекот на партијата, Игор Јанушев, во вторникот испратија синхронизирани пораки дека „ова не е ослабеното ВМРО од времињата кога СДСМ добиваше на зелени маси во Пржино, а партијата потпишуваше сè и сешто“. Пораката се однесуваше на евентуален нов формат преговори како во Пржино доколку нема договор за законот за обвинителство.

Покрај формирање ново специјално обвинителство, договорот од Пржино во 2015 година предвиде враќање на социјалдемократите во парламентот и предвремени избори со техничка влада и премиер.

Горан Адамовски