Скулптурата на еврото во Франкфурт оди на аукција, недостигаат пари за одржување


 

Скулптурата на еврото е еден од најпознатите симболи не само на Европската унија и нејзината валута, туку и на градот Франкфурт. Сега може да оди на лицитација бидејќи недостигаат пари за одржување.

Годишното одржување чини 200.000 евра, изјави Манфред Пол, претседател на Комитетот за култура во Франкфурт, кој е сопственик на скулптурата на плоштадот Вили Брант.

Според Пол, претходните спонзори се повлекле за време на пандемијата, а парите веќе ги нема бидејќи се потрошени за санирање на штетите предизвикани од вандалите.

Пол предложи спонзорите, Европската централна банка (ЕЦБ), градот Франкфурт и Министерството за финансии на провинцијата Хесен да ги здружат силите – да доделат по 50.000 евра.

Доколку нема решение, симболот на еврото ќе се најде на аукција во средината на октомври.

Исто така е можно, рече Пол, компанијата да ја преземе скулптурата и да ја постави пред својата зграда. Но, тоа не е добро: „Благодарение на симболот на еврото, Франкфурт е познат во целиот свет“.

Скулптурата висока 14 метри е поставена во 2001 година пред тогашното седиште на ЕЦБ, по повод воведувањето на еврото. Таа често беше мета, на пример на протести против ЕУ или глобализацијата.