Скубе: Пастор преку „скајп“ ме избрка од Сегед, сега од трибини нека гледа Ф4


Екипата на Вардар загуби на реваншот од четврт-финалето во Лигата на шампионите на гостувањето во Сегедин кај ПИК Сегед со 29:25, но сепак, благодарение на победата на првиот натпревар во Скопје од убедливи 31:23, македонскиот шампион се пласираше на фајнал-фор турнирот во Келн.

Еден од најдобрите поединци на натпреварот беше средниот бек на Вардар Сташ Скубе, кој имаше и посебни мотиви против својот поранешен тим, поточно кон неговиот поранешен тренер Хуан Карлос Пастор.

Скубе во ПИК Сегед беше од 2016 до 2018 година, а на прес-конференцијата по натпреварот жестоко и без влакна на јазикот го нападна својот поранешен тренер, кој, како што вели словенецот, го избркал преку „скајп“ и тоа со ултиматум – „или ќе си одиш, или ќе седиш на трибини“.

„Ми беше убаво во Сегед каде минав две години и успеавме да ја освоиме титулата пред Веспрем првпат по 11 години. Секако, не е убаво чувството да имате петминутен разговор на Скајп среде јуни и некој да ти каже ‘Или ќе си одиш, или ќе седиш на трибини’. Но, сега сум многу среќен што оној кој ми кажа дека ќе седам на трибини, ќе седи токму на тоа место во Келн, а јас ќе бидам на теренот и ќе играм фајнал-фор“, изјави Скубе.

По завршувањето на натпреварот, тренерот на Вардар Роберто Парондо не се ракуваше со Хуан Карлос Пастор, поради што новинарите беа заинтересирани за таквата причина, а тренерот на ПИК Сегед истакна дека треба да се биде голем и во победа и во пораз, но и ја напушти прес-конференцијата. Но, Скубе повторно не му остана должен.

„Кога ќе добиете прашање на прес-конференција што не ви се допаѓа не можете да станете и да си заминете. Тој зборуваше дека треба да се биде голем и во победа и во проаз, а гледате и самите како постапува. Сите кои играат или се занимаваат со ракомет го знаат каков е и немам што повеќе да зборувам. Уште еднаш покажа каков човек е“, заклучи вардаровиот ракометар.