Скриените трошоци на италијанските куќи за едно евро


Минатата година властите во оддалечените градови во Италија решија да започнат со продажба на стари напуштени куќи. Станува збор за проект за заживување на руралните области, а цените на индивидуалните куќи се околу едно евро – но во заднина има и скриени трошоци, пишува „Бизнис инсајдер“.

Иселувањето од Сицилија започна во 1960-тите, кога островот беше погоден од силен земјотрес што уништи многу згради. Земјотресот предизвика значителна штета на објектите, а многу жители во тоа време не одлучија да ги реновираат своите домови. Тие беа обештетени од осигурителните компании, но претпочитаа да се преселат, што за нив беше најевтината опција. Оттогаш, трендот на миграција од руралните во урбаните области се засили во цела Италија. Само во градот Самбуки, населението се намали за 30 проценти од 1950 година.

Многу села во Италија со тоа бележат висока просечна старост на населението, а на овие идилични села им се заканува исчезнување. Селата кои некогаш биле полни со живот и динамичност, денес се претежно тивки и заборавени, пренесува Банкар.ме.

Напуштените италијански куќи сега можат да се купат за едно евро, што луѓето од целиот свет веќе го искористија, а проектот често се споменува во многу светски медиуми. Најчести купувачи се Американците и од Северна Европа, а заинтересирани за купување има и од други места. Тековната пандемија ги расипа плановите на оние кои би сакале да ги видат споменатите куќи, но не престана евтината купувачка.

Иако цените на куќите се навистина ниски, купувачите истакнуваат дека крајната цена на куќата е значително повисока од симболичното едно евро.

„Бизнис инсајдер“ посочува неколку замки што ги зголемуваат крајните трошоци на купувањето. Имено, купувачите мора да приложат кауција или почетен депозит, да платат патни трошоци до објектот, а мора да обезбедат реновирање на куќата.

Реновирањето е најскапиот дел од преземањето, бидејќи куќите се напуштени со децении и им треба комплетно реновирање.

Вистинската цена на овие идилични италијански куќи во руралните области е значително повисока од само едно евро.

Честопати се случува повеќе луѓе да се заинтересираат за куќата, така што се воспоставува аукција која може да ја зголеми цената уште повеќе. Целокупната цена, која вклучува реновирање и други трошоци, обично е околу 60.000 евра, што инаку е сè уште прифатливо за купување викендичка во идилична Сицилија.

„Бизнис инсајдер“ за оваа тема прикажува и видео, кое што може да се погледне на следниов ЛИНК.