„Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски е роман на годината за 2020


„Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски во издание на „Антолог“ е роман на годината за 2020, награда која по 22. пат ја додели фондацијата „Славко Јаневски”. Во конкуренција биле 41 пристигнат роман, а жири-комисијата била во состав Оливера Николова (претседателка и минатогодишна лауреатка), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Грозданоски и Катерина Богоева.

„Најновото книжевно остварување на Јанковски романот ‘Скриени желби, немирни патувања’ е впечатливо дело, оригинална иновација во македонската литература. Со исклучително занимлива колажна структура, базирана врз животна уверливост и многуслојност, оваа проза пулсира со ново преосмислување на човечките односи, перципирајќи го светот како единствена мрежа од концепти и судбини што се развиваат во перспективи и во меѓусебна корелација. Неколкуте приказни, соопштувани во лапидарни секвенции, го градат овој мозаичен роман ширејќи ја убедливо неговата првобитна поставеност”, се вели во образложението за одлуката на жири-комисијата за доделување на наградата.

Писателот Јанковски ѝ се заблагодари на фондацијата „Славко Јаневски“ истакнувајќи дека со целиот свој редовен ангажан околу доделувањето на наградите, Фондацијата успева успева да ја зголеми видливоста на романската продукција во време кога литературата не е доволно застапена во јавната сфера.

„Ова особено важи за телевизиите, кои секојдневно нè бомбардираат со приказни за ‘исто за истото’, на кои под изговорот дека станува збор за важни теми за нашиот живот, постојано слушаме исти варијации на теми што служат само за стерилни пресметки на политичките елити. Добрата литература се обидува да го направи спротивното. Таа во навидум црно-белата поставеност на нештата се обидува да ја даде нијансата на различност, да го постави животот надвор од поедноставувањето и стереотипот. Дел од романите што беа во конкуренцијата за Роман на година го прават токму тоа, ја истражуваат сложеноста на животот, укажувајќи на неговата суштинска амбивалентност, противречност и нијансираност. Затоа заслужуваат многу поголемо внимание од црно-белата слика што медиумите секојдневно ја претставуваат како наша реалност”, рече Јанковски.

Наградата се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150 илјади денари.

Јанковски со овој роман е и национален претставник во трката за меѓународната книжевна награда „Балканика“, која поради пречката со глобалната пандемија, ќе се одржи кон крајот на 2021 со доделување награди за две години во рамки на една манифестација, согласно консензуалниот договор помеѓу националните организатори од сите седум држави-членки на Фондацијата Балканика.