„Скриени желби, немирни патувања“ – македонски кандидат за наградата за литература на ЕУ
Романот на Владимир Јанковски „Скриени желби, немирни патувања“ е македонски кандидат за наградата за литература на Европската унија. Наградата се доделува од 2009 година, и е иницијатива со која се истакнуваат најдобрите нови прозаисти од Европа.
Од почетокот на доделувањето на наградата, секоја земја што учествуваше во проектот прогласуваше по еден национален добитник на наградата, но од 2022 година концептот на наградата се менува. Наместо добитници на наградата од секоја земја учесничка, седумчлена европска комисија ќе додели една награда на главниот добитник на Наградата, а пет автори ќе бидат посебно истакнати.
Освен избраниот победник, сите номинирани автори континуирано ќе бидат промовирани на европската книжевна сцена, со цел нивните дела да допрат до поширока публика, како и да ги надминат јазичните и границите на своите национални книжевности.
Оваа година, освен од нашата земја, учествуваат автори и дела од: Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Грузија, Грција, Ирска, Италија, Литванија, Норвешка, Романија, Словачка, Шпанија и Украина.
Како што соопштија од издавачката куќа „Антолог“, „Скриени желби, немирни патувања“ е мозаичен роман во кој приказните за четири ликови што живеат во Скопје се комбинираат со приказните за педесетина ликови од различни географски точки. Тематски, книгата се занимава со односот меѓу реалното и виртуелното, прашањето за професионалниот успех и успехот во светот на уметноста, врската меѓу надворешните постигнувања и потрагата по себе, која има еден надворешен, а можеби сосем друг внатрешен облик.
Професорката и литературна критичарка Лидија Капушевска-Дракулевска смета дека во романот „особено е интересен феноменот на хронотопичноста, таа испреплетеност на судбините на луѓето од различни меридијани на светот, како и сведувањето на човековото постоење на синџир од средби и разделби, разминувања и созвучја.“
Литературната критичарка Александра Јуруковска, пак, смета дека „книгата на Јанковски е загатка со мноштво решенија. Мозаичниот приказ на ликовите (повеќе од педесет), но уште повеќе на приказните што се плетат околу нив, ја прави интересна и во жанровска смисла – роман што може да се чита и како збирка раскази, корпус навидум неповрзани приказни“.
Владимир Јанковски (1977) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Има објавено три романи: „Скриени желби, немирни патувања (2020), „Невидливи љубови“ (2015) и „Вечно сегашно време“ (2010). За „Скриени желби, немирни патувања“ ја добил наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“, а за „Невидливи љубови“ наградата „Рациново признание“.