Скриената агенда на националистите со пописот
ЗОРАН ДИМИТРОВСКИ
Зошто власта се определи да ги брои сите државјани, дома и во светот, а не само резидентите, иако знае дека ова не е пракса во светот? Идејата да се попишат и македонските државјани кои се во странство во одделна графа, е токму лекот да се спречат манипулациите и да се обесхрабрат граѓаните да лажат дека тие се присутни овде, во Македонија
Доколку македонската опозиција и албанскиот политички фактор не ја смират реториката со племенско лицитирање на бројот на етничките заедници и паушално обвинување за однапред договорени резултати, на пописот повторно му се заканува фијаско, слично на она во 2011 година. Како мултиетничко општество, а во суштина доминантно двоетничко по воениот конфликт во 2001 година, и решенијата од Рамковниот договор со елементи на консензуална демократија, Македонија е меѓу земјите каде што националистичките политички елити сѐ уште го злоупотребуваат кревкиот меѓуетнички баланс и не овозможуваат класично статистичко пребројување.
Во светот има неколку држави кои воопшто не одржуваат попис или многу ретко го прават тоа, од слични причини, но станува збор за држави каде што беснееле војни во минатото, во нив сѐ уште нема безбедносни услови за одржување попис или се длабоко етнички и/или религиски поделени, како Либан, Мадагаскар, Узбекистан, Авганистан, Западна Сахара… Но многу други држави, дури и земји членки на Европската унија денес не го бројат населението според етничката припадност. Во Луксембург, на пример, законски е забрането да се собираат податоци за етничката припадност на граѓаните. Пописот во Италија не содржи графа за расна или за етничка припадност. Франција, исто така, не ги пребројува своите граѓани според расната или етничката припадност уште од пописот во 1978 г., кога бил донесен закон кој оневозможува такво пребројување на граѓаните без нивна согласност. Ова затоа што многу Французи сметаат дека им се нарушува еднаквоста и рамноправниот третман како граѓани доколку ги прашувате за расната или за етничката припадност. Во Норвешка, од пописот во 1970 г. луѓето не се пребројуваат етнички и расно. Некои други држави во Европа, пак, етничкото пребројување го започнале многу подоцна, како Обединетото Кралство, на пример, кое ги прашува граѓаните за етничката и расната припадност дури на пописот во 1991 г.
Постоеше предлог и кај нас етничката припадност да не биде дел од прашањата во пописните формулари, туку само мајчиниот јазик, но предлогот веднаш беше дочекан на нож, со обвинување дека на тој начин власта им се додворува на албанските политички елити кои сакаат да го скријат вистинскиот број на Албанците во Македонија.
Делови од Европа се исто така карактеристични по тоа што одржуваат исклучиво регистерски попис, како Австрија, Норвешка, Данска, Шведска, Финска, кои водат прецизни регистри на населението, други, пак, како Шпанија, Италија, Германија, Белгија, Холандија и балтичките земји одржуваат комбиниран попис, со повеќе или помалку потпирање на теренското собирање податоци, а речиси сите земји од Балканот и од Југоисточна Европа населението го пребројуваат физички, на терен. По неуспехот на власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во 2011 г. да го пребројат населението, Македонија се определи за комбиниран попис, чии податоци од теренското испитување на популацијата ќе бидат вкрстувани со постоечките регистри.
СКРИЕНА АГЕНДА НА ОПОЗИЦИЈАТА
Клучната забелешка на опозицијата е дека власта сака да спроведе политичка, а не статистичка операција, поради што од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да ги признаат резултатите од пописот. Опозицијата сугерира дека СДСМ и ДУИ сакаат да го фалсификуваат бројот на етничките Албанци, односно да го прикажат поголем одошто навистина е. Таа мантра претпоставува дека бројот на Албанците во Македонија е под 20 отсто, од што, пак, треба автоматски да се заклучи оти не треба да им следуваат ниту правата кои според Рамковниот договор се запишани во Уставот.
Се разбира, нема објаснување врз основа на какви анализи некој се сомнева дека бројот на Албанците кај нас е под 20 отсто? Факт е дека од Македонија изминативе две децении се иселуваат и Албанци и Македонци, како и граѓаните од сите други етнички заедници, некој повеќе, некој помалку. Но исто така е факт дека наталитетот сѐ уште е повисок кај Албанците, иако опаѓа, а највисок е кај Ромите. Во таа смисла, ако на минатиот попис процентот на Албанците во однос на севкупното население во Македонија изнесувал 25 отсто, зошто сега би бил многу понизок? Авторите на оваа шпекулација немаат објаснување, но поентата е во тоа дека тие „знаат“ оти бројот на Албанците е понизок и се сомневаат дека ДУИ и СДСМ сега ќе ги наредат бројките за да одговараат на Рамковниот договор и на Уставот.
Зад тоа обвинување, значи, се крие намерата да се оспоруваат стекнатите етнички права и оттаму, многу е важно, како што неколкупати истакна претседателот Пендаровски, сите политички фактори да соопштат, дека без оглед на бројките и процентите од пописот, никому нема да му бидат скратени стекнатите етнички и јазични права. Се разбира, евентуалниот помал процент Албанци од 20 отсто, може да доведе до тоа Уставот да не одговара на фактичката состојба, но секому кој се разбира од политика во Македонија мора да му биде јасно дека Рамковниот договор и Уставот беа изгласани како мировен договор по воениот конфликт во 2001 г. и дека бадентеровите решенија за етничката заедница од 20 отсто кои треба да овозможат уживање на нејзините јазични и други права, беа своевиден модус вивенди.
Суштината е во тоа дека Албанците се втората по големина етничка заедница во Македонија и без оглед на процентите, нивната рамноправност по сите основи, е услов за стабилноста на Македонија. Оттаму, подобро е уставните решенија да изгледаат застарени – конечно Уставот не е библија и може и да се менува – отколку да се внесува конфликтна состојба на меѓуетнички план.
Но, фактот што ВМРО-ДПМНЕ шпекулира со стравувањата од фалсификат и не сака јавно да декларира дека етничките права нема да се кратат без оглед на бројките, го загрозува пописот, односно ги плаши етничките Албанци, дека доколку навистина бидат помалку на број, под 20 отсто, некоја идна власт ќе им ги скрати правата. Оттаму, таквото однесување на опозицијата не само што е неодговорно, туку е и опасно.
АПЕТИТИТЕ НА АЛБАНСКИТЕ НАЦИОНАЛИСТИ
Не помалку опасно е лицитирањето со бројки од страна на политичките лидери на Албанците, кои исто така го загрозуваат претстојното статистичко пребројување. Изјавата на пратеникот на ДУИ, Арбер Адеми, дека нема да ги признаат резултатите доколку Албанците излезат под 20 отсто е скандалозна и е во функција да ги заплаши оние што ќе го вршат статистичкото пребројување. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак, го крена сидрото на процентот на Албанците во Македонија на 25 отсто, иако, за волја на вистината, не рече оти нема да ги признае резултатите ако процентот биде понизок. Но, очекувањето на Албанците да бидат многу повеќе одошто навистина се, освен од стравот на губење на правата, е мотивирано и од апетитите на најголемите националисти меѓу нив за државно преуредување на Македонија.
Во лицитирањето најдалеку отиде лидерот на Левица, кој прогнозира дека Албанците на пописот ќе излезат 28 отсто. Идејата на оваа „проценка“ е да се натераат Македонците да го бојкотираат пописот, со цел да излезат многу помалку во однос на Албанците и потоа со тој „статистички фалсификуван факт“ да се мавта оти Заев договорил со Ахмети да го зголеми процентот на Албанците за да спроведе федерализација на државата. Се разбира, на тој начин му се прави мечкина услуга на македонскиот народ, со единствена цел од пописот да се направи преттекст за политичка дестабилизација.
Во овој контекст особено е проѕирно однесувањето на лидерот на опозицијата Мицкоски, кој обвинува за политички договор на СДСМ и ДУИ, а истовремено се однесува како пописот да е референдум за уривање на власта. Исто како и пред референдумот во 2018 г. за името, Мицкоски им порача на граѓаните секој да постапи според својата волја, да учествува или да не учествува на пописот, како да станува збор за излегување на избори на кои треба да се делегитимира владеењето на Заев!? Иако е разбирливо дека опозицијата го користи секој сензитивен политички миг за да го урива угледот на власта кај граѓаните, агитирањето Македонците да го бојкотираат пописот и неговиот евентуален неуспех може многу повеќе да му нанесе штета на македонскиот народ, но и на државата, преку нарушување на меѓуетничките односи, како и создавање имиџ во Европа дека сме параспур држава која не умее да спроведе елементарна статистичка операција, а не земја кандидат за членство во ЕУ.
ПОПИСОТ КАКО РЕФЕРЕНДУМ
Се разбира, пописот не е ниту референдум, ниту изборен натпревар, туку законско статистичко пребројување на населението, а повикот на партиските ботови на социјалните мрежи масовно да се бојкотира зашто државата немало да може да казни толку многу луѓе (казните за граѓаните се од 200 до 300 евра за одбивање да се дадат податоци), е без преседан.
Но кои се премисите за ваквото однесување на опозицијата? Се разбира, барањата да се добијат вистински точни и прецизни бројки од пописот се легитимни, зашто, чуму ни е таква масовна операција, ако на крајот добиеме погрешни бројки, од кои никој не може да има никаква корист. Опозицијата тврди дека законот е спротивен на европските и светските стандарди за одржување попис зашто кај нас ќе се пребројуваат сите државјани, а не само резидентите. За ова, опозицијата е делумно во право. Пописите се прават за да се изброи резидентното население, а не и сите државјани кои не живеат во земјата. Светските стандарди велат дека вообичаено се попишуваат сите оние што отсуствуваат од државата најмногу до 12 месеци. Бројот на државјаните, пак, кои живеат насекаде во светот, секако е многу поголем.
Опозицијата шпекулира дека албанските семејства масовно ќе ги попишуваат своите роднини во странство како да се во Македонија и така бројот на резиденти Албанци ќе порасне. За тоа, се вели, власта нема обезбедено никаква контрола. „Контролата“ која за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ постоеше – етнички мешани тимови да ги попишуваат Албанците и Македонците во мешаните етнички средини, резултираше со крах на пописот, па актуелната власт се откажа од метод што ќе даде сличен резултат. Според најавите за новата методологија, пописот ќе го врши попишувач со лаптоп компјутер, во кој дигитално ќе бидат внесувани податоците на резидентите, но и на сите државјани на Македонија, дома и во светот. Податоците ќе се вкрстуваат со повеќе други бази на податоци, меѓу кои Регистерот на населението на Министерството за информатичко општество и администрација, списокот на државјани на МВР и датотеката за влез и излез на граѓаните од земјата, Фондот за пензиско и здравствено осигурување, податоците за социјалната помош на населението, податоците од Управата за јавни приходи за финансиските трансакции на граѓаните, од Агенцијата за вработување… Евентуалните лажни пријавувања резиденти на лица што се подолго од 12 месеци надвор од државава, многу лесно ќе може да бидат откриени со вкрстувањето на податоците.
Ако некој е надвор од државава три години, за него нема да има траги во ниту една од базите на податоци со кои ќе се опслужува пописот. Тоа, пак, ќе биде доволен доказ дека човекот бил надвор и автоматски ќе биде запишан во нерезидентите. Се разбира, за внесување лажни податоци попишувачите или пребројувачите од статистика може да одговараат и кривично, со затворска казна до пет години!
КОЛКУ СМЕ И ДАЛИ СМЕ ТОКМУ?
Сепак, зошто власта се определи да ги брои сите државјани, дома и во светот, а не само резидентите, иако знае дека ова не е пракса во светот? Идејата да се попишат и македонските државјани кои се во странство, се разбира во одделна графа, е токму лекот да се спречат манипулациите и да се обесхрабрат граѓаните да лажат дека тие се присутни овде, во Македонија. Ова беше нужно за да се стокми договор за одржување на пописот, по неговиот меѓуетнички неуспех во 2011 г. Владата, имено, не може да избега од реалноста дека бројките, за жал, сѐ уште им се важни на политичките елити на Албанците и на Македонците и затоа покажува широко разбирање дека сите оние кои се иселиле од Македонија или работат привремено во странство, да речеме 2,3,5 години, се исто така граѓани на оваа држава. Веројатно е дека тие еден ден ќе се вратат во својата родна земја, но дури и да не се вратат, тие секоја година доаѓаат, некои по неколкупати, имаат адреса и живеалиште, поседуваат имот, важечка лична карта, трошат пари кога доаѓаат, но што е уште поважно, им испраќаат многу девизни дознаки на своите роднини за живот овде.
Значи, оние што ќе бидат попишани како наши државјани во странство, кои таму престојуваат подолго од една година, ќе бидат издвоени од резидентното население. Тоа не се нужни податоци за целите на пописот, но може да бидат корисни. Зашто, факт е дека пописите се прават за да се градат политики врз основа на резидентното население. Но, нашите државјани кои не се резиденти овде и да речеме се на привремена работа во странство, имаат обичај и да се враќаат за година, две, три, па во наредниот неколкугодишен период до новиот попис, може да бидат дел од резидентното население. Но најважно од сѐ е дека со оглед на манипулациите со бројките и катастрофичноста на соопштување податоци за иселеноста од Македонија, како и со оглед на сензитивноста на меѓуетничките прашања, податоците за нашите државјани во странство, прво, ќе ни дадат слика колкумина наши од сите етнички и религиски групи се иселени или си заминале изминативе 20 години и каков е вистинскиот сооднос и процентите на Македонци, Албанци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и други родени и државјани на Македонија кои живеат дома и во светот. Доколку бројот на резидентите Албанци и/или Македонци не ги задоволува националистичките политички елити, тие секогаш ќе може да речат – да, овде во Македонија навистина сме помалку, ама гледајте колку не има раселени по светот! Така, уникатно, нашиот попис, со еден удар, може да заврши две работи – да го преброи статистички резидентното население и да им го „направи меракот“ на националистите.
Токму затоа, наместо однапред да се сомнева во податоците од пописот и да собира потписи за поништување на законот, доколку е навистина загрижена за вистинскиот број на Македонците, опозицијата треба да ги повика сите Македонци иселеници во странство и/или оние кои се на привремена работа таму а кои имаат државјанство и важечки документи од Македонија, пасош, ЕМБГ, лична карта и сл. или да се самопопишат, зашто таква можност имаат со посебна апликација во текот на март или, пак, овде да ги попишат нивните роднини, членови на семејствата и сл. На тој начин и Македонците и Албанците ќе знаат колку ги има и дома и во светот и нема да чувствуваат никаков комплекс дека, да речеме, ги има помалку дома.
Се разбира, тие бројки може да бидат поразителни, зашто секако ќе сведочат за иселена Македонија, но намерата е да се избие адутот на националистите за етничката надмоќ и да се запрат стравовите кои се потхрануваат меѓу Албанците и Македонците. Едноставно, треба да се упати порака дека, какви да бидат резултатите од пописот, тие не може да бидат преттекст за менување на уставниот поредок. Македонија е членка на НАТО, а НАТО не познава земја членка која се распаднала. Затоа, да ги попишеме сите жители резиденти овде за да можеме да ги планираме политиките во економијата, социјалата, здравството, образованието, но истовремено да ги попишеме сите државјани за да си знаеме колку сме и дали сме „токму“?
(Зоран Димитровски е генерален секретар на Демократскиот сојуз и заменик-министер за локална самоуправа. Ставовите изнесени во текстот се негови лични и не ги одразуваат ставовите на Владата на РС Македонија)