Скратената работна недела станува хит кај работодавачите


„Скандинавскиот модел“ врз основа на претпоставката дека продуктивноста ќе се зголеми доколку се намали бројот на работни часови не е нова, но повторно стана актуелна поради кризата со Ковид-19

 

Работодавачите ширум светот започнаа со тестирање на четиридневна работна недела, што е уште една промена после работата од дома која што ја донесе пандемијата.

Според Ројтерс, дискусијата за „скандинавскиот модел“ врз основа на претпоставката дека продуктивноста ќе се зголеми доколку се намали бројот на работни часови не е нова, пренесува Пословни.хр.

Меѓутоа, неодамна, повторно стана актуелна поради кризата со Ковид-19. И не само меѓу сопствениците на компании, туку и во јавниот сектор и меѓу политичарите.

Приватен живот или кариера

Во Европа, шпанската социјалистичка влада ја разгледува можноста за воведување на овој модел со цел да се забрза заздравувањето на економијата. Од друга страна, јавната администрација во Данска и во Исланд веќе работи само до четврток. Шефот на агенцијата за привремени вработувања Адеко вели дека многу компании воведуваат пократки работни недели, особено во контекст на недостаток на работна сила во малопродажба и угостителство.

„По корона кризата, луѓето станаа посвесни дека нивните претходни услови за работа не беа најдобри. Сега тие мислат дека не треба да го жртвуваат својот приватен живот заради кариерата “, вели Кристоф Кејтор, првиот човек на Адека.

Во Нов Зеланд, компанијата Унилевер тестира четиридневна работна недела, додека во Јапонија, третата по големина банка, Мизухо, им нуди на своите 45.000 работници можност да работат три или четири дена.

Иако многумина се скептични за тоа колку промени во светот на работата ќе се случат по завршувањето на пандемијата, шпанската компанија Телефоника е меѓу оние компании што тестираат четиридневна работна недела.

Засега, 10 проценти од вработените на домашниот пазар работат во тој режим. Доколку резултатите од продуктивноста останат задоволителни, повеќе учесници би биле вклучени во работа со скратено работно време, вели извор на Ројтерс запознаен со плановите на компанијата.

Телефоника ја намали платата на работниците со скратено работно време за 15 проценти, но работодавачите во други земји имаат намера да понудат целосна плата, и покрај помалиот број работни часови.

Во данската општина Одшеред, 300 вработени работат четири дена во неделата со целосна плата како дел од тригодишниот тест. „Вработените беа фантастично возбудени заради  слободниот петок“, вели шефот Клаус Стин Мадсен.

„Три дена во кои не треба да одите на работа влијаат психолошки, тие даваат дополнителна енергија за четирите работни дена“, вели Медсен. Тој додава дека Одшеред не планира да го смени овој флексибилен модел и „да се врати на старото“.

Во Шпанија, министерството за индустрија размислува за пилот-програма од 50 милиони евра, за да им помогне на компаниите да го намалат работното време без да ги намалат платите.

Контролиран експеримент

Прогресивната партија Мас Паис, која освои 17 проценти од гласовите на неодамнешните регионални избори во Мадрид, бара од владејачката лева коалиција да го усвои овој проект. Хектор Тејеро, политички секретар на Мас Паис, објаснува дека компаниите ќе добијат одредена сума за секој работник кој работи со скратено работно време и дека парите може да се искористат како што тие сакаат.

Партијата ја гледа оваа програма како контролиран експеримент за да влијае на продуктивноста и профитабилноста со помалку работни часови во различни сектори. Некои шпански компании веќе бележат одлични резултати.

Така, ИТ компанијата Софтвер Ел Сол од Андалузија воведе четиридневна работна недела без намалување на платата, а од почетокот на експериментот, го зголеми бројот на вработени за 15 проценти.

„Продажбата порасна за 20 проценти, а отсуствата драстично се намалија; Расте задоволството на вработените и клиентите, заедно со продуктивноста“, вели директорот за маркетинг, Педро Кортес.

Карлос Викторија, економист во шпанското деловно училиште ЕСАДЕ, вели дека во некои сектори ќе биде полесно да се реорганизираат работните процеси и да се намали работното време, но има сектори каде што пократкото работно време би имало директно влијание врз намалувањето на производството.

„Разгледувањето на четиридневната работна недела како иднина во светот на работата е се уште преурането, барем на краток рок“, смета Викторија.