Скратената постапка му го „скрати“ притворот на Мијалков


Додека поранешниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков правосилноста на пресудата за случајот „Титаник 2“ ја чека слободен, поранешниот член на Државната изборна комисија, Бедредин Ибраими, кој беше осуден во истиот случај, останува во куќен притвор до правосилноста на пресудата.

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 за куќниот притвор на Мијалков постапуваше по службена должност бидејќи точно во понеделникот поминаа 60 дена од одлуката на Апелацискиот суд, на Мијалков да му биде одреден куќен притвор, наместо пресудата да ја чека во затворот во Шутка. За изборните нерегуларности на локалните избори во 2013 година беа осудени шест лица. Мијалков и поранешните членови на ДИК, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, беа осудени на три години затвор, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, беше осуден на три години и два месеца, а највисока затворска казна од четири години и шест месеци му беше изречена на Бедредин Ибраими.

Против сите беше поднесено обвинение за злоупотреба на службената положба и овластувања, а против Мијалков беше поднесен обвинителен предлог за примање награда за противзаконито влијание, кривично дело за кое е предвидена затворска казна до пет години. Во ваков случај се поднесува обвинителен предлог и се води т.н. скратена постапка. Бидејќи против Мијалков бил поднесен обвинителен предлог и се водела скратена постапка, тој може да биде во притвор најмногу 60 дена. За Ибраими се води редовна постапка бидејќи се гони за потешко дело и притворот за него може да трае до правосилноста на пресудата.

До правосилноста на пресудата, Мијалков има обврска еднаш неделно да се јавува во суд, привремено му е одземен пасошот и има забрана за издавање на нов. Судот овој пат бил повнимателен поради бегството на поранешниот премиер, Никола Груевски, и на неговиот братучед му забранил да ја преминува државната граница со лична карта.

Минатата недела Кривичниот суд соопшти дека пресудата за „Титаник 2“ им е доставена на осудените и сега тече рокот за жалба. Пресудата ќе стане правосилна кога одлука ќе донесе Апелацискиот суд.

Според обвинението на СЈО, Мијалков во 2013 година ургира кај Тачи кој, пак, му наложува на тогашниот член на Државната изборна комисија од неговата партија, Ибраими, да гласа за поништување на гласањето во Струмица. Бедредин Ибраими од ДПА го менува своето претходно мислење и заедно со обвинетите Сашо Срцев, Анета Стефановска и Влатко Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ ги надгласуваат колегите од СДСМ и ДУИ, по што гласањето во Струмица се повтори.

Мијалков е обвинет во четири случаи на Специјалното јавно обвинителство. Освен за „Титаник 2“, против него има поднесено обвинителен акт и за масовното прислушување односно за случајот „Тврдина – Таргет“. Обвинението за злоупотреба на службената положба се однесува на набавката на опремата за прислушување во случајот „Трезоор“ и за мачење и несовесно постапување при апсењето на поранешниот министер Љубе Бошкоски во случајот „Тортура“. Бошкоски беше уапсен еден ден по изборите во 2001 година, а ден по претседателските избори на Мијалков му беше укинат куќниот притвор. Против него се води истрага и за случајот „Империја“ за кој Врховниот суд му го укина притворот. Пресудата на Груевски деновиве стигна до највисокиот суд кој може да одлучи да ја укине, а судија за извршување на санкции и ја одложи затворската казна на поранешната министерка Гордана Јанкулоска.

Фросина Факова – Серафиновиќ