Скорсезе почесен претседател на Италијанската филмска академија


Рим – Холивудскиот режисер Мартин Скорсезе ќе стане почесен претседател на Италијанската филмска академија. Министерството за култура во Рим во вторник објави дека 83-годишниот Скорсезе ја прифатил понудата за функцијата од министерот за култура Алесандро Џули и надлежната фондација.

Според соопштението, Скорсезе изразил благодарност за „престижната улога“, којашто ја прифаќа со чест. Назначувањето сè уште треба формално да биде одобрено од страна на одборот на директори на Академијата. Претседателката на Академијата, Силвија Каландрели, и уметничкиот директор Џан Лука Фаринели се повторно назначени на своите позиции. Скорсезе, можеби најпознат по филмовите „Таксист“, „Бандите на Њујорк“, „Починати“, „Волкот од Волстрит“, како и годинашниот „оскаровски“ „Една битка по друга“, додал дека италијанското кино му било постојан извор на инспирација во текот на целиот негов живот.

Академијата е одговорна за доделување на филмската награда „Давид ди Донатело“ што често се опишува како италијански еквивалент на Оскарите.

Доделени првпат во 1956 година, наградите ги признаваат достигнувањата во сите области на филмската продукција, вклучувајќи го и најдобар филм, режија, глума, кинематографија, монтажа и костимографија. Како трофеј, победниците добиваат реплика од статуата на Давид, која скулпторот Донатело ја создал околу 1440 година.