Скопското ОУ „Лазо Ангеловски“ партнер во два проекта на Еразмус+


Фото: Б. Грданоски

ООУ „Лазо Ангеловски“ од скопската Општина Аеродром ќе биде партнер во два проекта на Еразмус+ во периодот од 2019 до 2021 година.

Како што соопшти прес-службата на Општина Аеродром, првиот проект Еразмус+ КА229 е насловен „Млади новинари денес – одговорни дигитални граѓани утре“, во кој координатор е училиште од хрватскиот град Ораховец, а партнери во овој проект, покрај ОУ „Лазо Ангеловски“, се и училишта од романскиот град Александрија, српскиот град Чичевац, како и од шпанскиот Сијудад Реал.

– Главната цел на овој проект е развивање на медиумската писменост на учениците и наставниците на продуктивен начин преку објавување дигитален училиштен весник и креирање работилници за медиумска писменост, се наведува во соопштението.

Вториот проект Еразмус+ КА229 е под наслов „Креативни читатели“, чиј координатор е училиште од Липовљани (Хрватска), а партнери се училишта од Опава (Чешка), од Грција како и од Салдус (Летонија).

– Главна цел на овој проект е развивање на писменоста и поттикнување на учениците да читаат активно и критички со цел развивање на клучните компетенции и развивање на социјалната вклученост и зголемување на мотивацијата за читање, се додава во соопштението.