Скопските градоначалници подготвени да иницираат законски измени за да ја сменат Арсовска


Првиот човек на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски (ВМРО-ДПМНЕ), градоначалник на Кисела Вода

Единствен спас за Скопје и за скопјани, за градот да почне да функционира, е градоначалничката Данела Арсовска да си поднесе неотповиклива оставка и да се оди на избори, смета претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, кој вели дека и скопските градоначалници се подготвени да иницираат законски измени за да се овозможи предвремена смена на раководството на Градот.

– За Скопје спас во моментов е доколку Арсовска си поднесе неотповиклива оставка
Арсовска нема поддршка ни околу нејзините соработници, директорите на јавните претпријатија ги менува како гуми на шест месеци, знаеме дека станува збор за една личност која е компликтоман по природа и не сака да придонесе за развој на градот. Ѝ беше понудена рака од страна на Владата и министерот (за локална самоуправа) беше на таа средба заедно со премиерот. Ништо од тоа практично и не прифати. Прво влезе на тој состанок неподготвена, што јас го искоментирав како еден од лицата кои повикавме да се разреши тој процес и на крајот од денот не верувам дека нешто ќе се среди во наредниот период. Верувам дека ќе продолжи голготата за жал. Единствен излез е Арсовска да си поднесе оставка и да се оди со нови избори за градоначалник на Градот Скопје – рече Ѓорѓиевски по денешната јавна дискусија во ЗЕЛС  за предлог-законите со учество на општинската администрација организирана од Министерството за јавна администрација со поддршка на ЗЕЛС во рамки на кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација”.

Тој смета дека проблемите се таложат и не се само со јавниот превоз, туку има проблеми и во „Водовод и канализација“, проблеми има во „Комунална хигиена“ и во „Паркови и зеленило“, односно во сите јавни претпријатија, а кривицата е во менаџерот.

Ѓорѓиевски вели дека и она што се бараше да се сервисираат автобусите во ЈСП, нема да бидат доволни да се покријат потребите на патниците особено сега од септемри, кога почнува учебната година, односно во зимскиот распоред.

Појасни дека по состанокот на сите скопски градоначалници, од сите политички партии иницирале смена на Арсовска, но министерот за локална самоуправа прецизирал дека тоа законски не е возможно да се изведе.

– Но, не отстапуваме ние од идејата и доколку треба законски да се интервенира, ние, како скопски градоначалници ќе бидеме иницијатори тоа да се спроведе во пракса. Ова е недопустливо да се случува – вели Ѓорѓиевски.

Потенцира дека по неколкуте постови дека се преземаат акции со „Комунална хигиена“ да се исчисти Скопје, повторно градот е депонија, повторно тоне во отпад.

– Ние сме спремни како група да иницираме и измени во законот, доколку е потребно тоа, сѐ со цел да се овозможат услови за функционирање на сите скопјани – додаде Ѓорѓиевски.

И министерот за локална самоуправа Златко Перински рече дека е подготвен да прифати какви било измени, само да се реши состојбата. 

– По барањето на ЗЕЛС, прво е правниот основ, бидејќи ингеренциите, во постоечките законски решенија,  содржани во членот 22 од Законот за локална самоуправа не можат да бидат одземени. Втората основа ни беше што тоа и како ќе биде спроведливо во пракса. Ние бараме инстант решение. Бидејќи надвор има 40 степени, а  Скопје тоне во смет – вели Перински.

Тој укажа дека и да се послуша барањето на градоначалниците, и да се почне постапка за измени во законот, Законот за локална самоуправа е системски закон и  бара двотретинско мнозинство, па ќе помине долго време. (Б.Б.)