Скопскиот регион во БДП учествува со 43,9 проценти, Североисточниот со 4,9 проценти


Фото: Б. Грданоски

 Минатата година најголемо учество во бруто-домашниот производ на Северна Македонија има Скопскиот регион со 43,9 проценти, додека најмало учество има Североисточниот регион со 4,9 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Поголем бруто-домашен производ по жител, во споредба со просекот на Република Северна Македонија, имаат Скопскиот регион со индекс 132.9, Југоисточниот регион со индекс 107.5, Вардарскиот регион со индекс 104.0 и Источниот регион со индекс 102.0.  Сите други региони имаат бруто-домашен производ под просекот на Република Северна Македонија.

Според податоците на ДЗС, во 2021 година, во државава се реализирани 162 392 милиони денари инвестиции во основни средства, што е за 12,4 проценти повеќе во однос на 2020 година. Најголемо учество во вкупните бруто-инвестиции во основни средства минатата година и понатаму има Скопскиот регион со 55,9 проценти, а најмало е учеството на Североисточниот регион со 4,3 проценти.

Споредено со 2020 година, пораст на инвестициите во основни средства е забележан во Полошкиот регион за 77,1 процент, Североисточниот регион за 64,1 процент, Пелагониски Регион за 52 проценти, Југоисточниот за 22,2  проценти, Скопскиот за 5,8 проценти и Југозападниот за 5,4 проценти.