„Скопски пазар“ на Етеми го зголеми уделот на акции во „Македонија турист“


АД Скопски пазар на Фатмир Етеми го зголеми сопственичкиот удел во „Македонија турист“, кој сега изнесува 19,76 проценти.

„Известуваме дека акционерот Скопски пазар акционерско друштво за услуги во прометот и трговијата увоз-извоз Скопје купи дополнителни 156 акции и сега поседува 89.364 акции односно 19,76% од вкупниот број обични акции издадени од Македонија турист АД“, пишува во првата објава. „Промедика“, која е акционер од понов датум во „Македонија турист“, купила 28 акции.

„Известуваме дека акционерот Друштво за трговија, производство и услуги Промедика дооел Скопје купи дополнителни 28 акции и сега поседува 53.799 акциja односно 11,90% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД“, информираат од компанијата..

Во меѓувреме третиот најголем акционер „М.Г. Фешн“ кој поседува 11,26 од акциите за вонредното Собрание на акционери закажано за 17 февруари даде предлог за нови членови на Надзорниот одбор на „Македонја турист“.

Леонид Антиќ, Стефан Спировски, Костадин Саздовски и Сашо Данаиловски се предложени за нови членови на Надзорниот одбор.

Леонид Антиќ е дипломиран на Интернационална бизнис администрација во Холандија и моментално е оперативен менаџер во Гранд Скопје, М.Г. Фешн и член на Управниот одбор на Фешн Груп Македонија. Антиќ е дел од компаниите на Зоран Антиќ, познат бизнисмен кој ја предводи изградбата на висококатниците спроти хотелот „Холидеј ин“. 

Стефан Спировски е бренд промотер на Филип Морис, Костадин Саздовски, магистер по машински науки, работи како оперативен менаџер во М.Г. Фешн, а Сашо Данаиловски, предложен за независен член,  моментално е комерцијален директор на Ривер Девелопмент.

Актуелниот Надзорен одбор го сочинуваат до неодамна најголемиот акционер во хотелиерската компанија, Доне Таневски, потоа Верица Хаџивасилева Марковска, Владо Богдановски и Ѓорѓи Јанчевски.