Скопски филмски фестивал од 17 до 25 април

Со премиерата на првиот долгометражен игран филм на режисерката Марија Џиџева – „Втора шанса“, в среда во кино „Милениум“ ќе биде отворен 22. Скопски филмски фестивал кој до 25 април ќе прикаже 50-ина филмови во неколку програми.

Македонско-српската копродукција „Втора шанса“, кој работно беше насловен „Жртва“, испреплетува приказни за три жени кои се обидуваат да ја пронајдат смислата на постоењето и секоја од нив се соочува со свои лични демони, обидувајќи се да ја зачува својата хуманост. Една од главните женски улоги ја игра српската актерка Мирјана Карановиќ, заедно со Даниела Ивановска и Наталија Теодосиева, а машките ликови ги играат Данчо Чеврески, Денис Абдула и Златко Митрески.

– Прекрасно искуство ми е работата на првиот долгометражен филм. Работев со одлична проефесионална екипа и со одлични актери кои влегоа во филмот со голема посветеност и љубов. И многу сум им благодарна. Границата помеѓу играниот и документарниот филм постојано се испреплетува. Не е едноставно да се дефинира пристапот. Во овој филм станува збор за лични човечки приказни, кои може да бидат и наши, но и од нашето опкружување, изјави за МИА режисерката Џиџева, која досега ни беше позната како режисерка на документарни и на кратки играни филмови.

Годинашниот Скопски филмски фестивал ќе има 50-ина филмови во: гала-програма; програма на европски филм; панорама на светски филм; кратки филмови, документарни филмови; македонска продукција; денови на квир кино за ЛГБТ заедницата; фокус на францускиот филм и ретроспектива на актерот Мето Јовановски.

Меѓу филмовите во атрактивната гала-програма е премиерата на „Фаренхајт 11/9“ на Мајкл Мур кој овојпат се занимава со политичкото влијание од победата на Трамп. Во таа програма е и новиот филм на Емир Кустурица „Ел Пепе, еден возвишен живот“ посветен на поранешниот уругвајски претседател Хозе „Пепе“ Мухика.

Во оваа програма се уште три остварувања – „Тврдина“ на Игор Зајцев – филм за владеењето на Петар Први, „Хотел Мумбаи“ на Антони Марас за терористичките напади во Мумбаи во 2008 година и новиот филм на иранскиот режисер Џафар Панахи – „Три лица“.

Од богатата филмографија на Мето Јовановски, на СФФ се избрани осум филма со познатиот актер: „Бел, бел свет“; „Евреите доаѓаат“; „Засега без добар наслов“; „Кога ќе се раздени“; „Куќа покрај пругата“; „Ливада“, „Пресуда“ и „Тетовирање“.

Филмовите на 22. Скопски филмски фестивал ќе се прикажуваат во кината „Милениум“, „Фросина“, Кинотеката и во Котур.