Скопски џез фестивал ја забавува, но и ја едуцира публиката


Годинашното издание на Скопски џез фестивал програмски ќе биде и одбележување на 50 години од основањето на германската независна издавачка куќа „ЕЦМ Рекордс“. Шест од деветте изведувачи кои ќе настапат се всушност нејзини заштитини ликови. Одбележувањето на овој јубилеј се случува на неколку фестивали низ Европа, но во југоисточна Европа лиценца за тоа доби само Скопскиот џез фестивал. Програмата е конципирана во четири главни вечери од 17 до 20 октомври, како и дополнителна придружна програма.

Триесет и осмото издание на џез фестивалот ја нуди можеби најсилната и најкреативната програмата досега.

Директорот на фестивалот Оливер Белопета рече дека преку концертите тие нудат еден вид едукација на публиката, а не лесни тонови кои веќе се застапени на останатите фестивали низ земјава.

Својата репутација низ светот, овој фестивал ја постигнува преку засебноста и оригиналноста на програмата, односно храбриот пристап. Нема многу такви фестивали во Европа, неколку се. А нашата главна цел е да ја задржиме таа оригиналност. Тоа значи дека програмата не се прави за вкусовите на домашаната публика, туку ние сметаме дека односнот кон публиката треба да биде повеќе од едукативен карактер – рече Белопета на пресконференција.

Фестивалот на 17 октомври ќе го отворат двајца познати гитаристи од САД, Дејвид Торн и Фред Фрит Трио. Торн важи за еден од најимагинативни композитори и иноватори на гитарата во изминатите 40 години, а Фред Фрит е иноватор, композитор и импровизатор со неговото трио. Втората вечер гостуваат два квартети, прво грчкиот мајстор на лирата Сократис Синопулос, а потоа и Ануар Браем кој се смета за волшебник на инструментот ут.

Педесетгодишнината на „ЕЦМ Рекордс“ годинава се совпаѓа и со пет децении на еден од најзначајните и највлијателни бендови на 20 век, „Art Ensemble of Chicago“, кој, третата фестивалска вечер, ќе го одбележи јубилејот со светска турнеја што ќе заврши во Скопје. Истата вечер, настапува и норвешкиот пијанист, клавијатурист, композитор, аранжер и перкусионист Јон Балке со својот оригинален проект „Batagraf“ во есклузивно издание.

На последниот фестивалски ден, 20 октомври, ќе настапи најпоетичниот пијанист на денешницата норвешката џез-сензација Торд Густавсен со неговото трио, како и квинтетот на новата голема американска саксофонистичка ѕвезда Џејмс Брендон Луис и контрабас рециталот на француската басистка, импровизаторка и композиторка Жоел Леандре, една од најдоминантните фигури на современата европска музика.
Во рамките на придружната програма на фестивалот годинава ќе има диџеј сет во „Епицентар“ на италијанскиот иновативен џез ентузијаст Никола Конте, како и концерти во МКЦ на домашните „Next To Silence“ и еклектичниот „магичен оркестар“ на Џијан Емин. Предвидена е и филмска проекција на документарниот филм „Sounds and Silence: Travels with Manfred Eicher” посветен на „ЕЦМ Рекордс“.

Со исклучок на концертот на Жоел Леандре кој ќе се одржи во МКЦ, сите останати концерти во рамките на официјалната програма ќе се доржат во Националната опера и балет.

Годинава ќе се промовира и книгата „Cloud Arrangers” на словенечкиот фотограф Жига Коритник, кој уште од деведесетите години го проследува секој издание на СЏФ, а важи за најдобриот џез-фотограф во светот. Годинешниот дизајн на плакатот како и дизајнот на каталогот се дело на Зоран Кардула.

Фестивалот годинава испраќа и порака за солидарност со бегалците, преку сорабтоката со УНХЦР. И.Н.