Скопски Аеродром зафатен од силно невреме попладнево, Лисиче без струја

Попладнево силно невреме проследено со ветер го зафати Скопје, кое особено изразено беше во скопски Аеродром.
Покрај грмежите и силното навевање на дождот, повремено паѓаше и град кој ги натера граѓаните на општина Аеродром кои се најдоа на отворено да се скријат под зградите и да чекаат невремето да помине.
Во населбата Лисиче, по невремето, граѓаните останаа без струја во своите домови.
-Десет минути невреме и веднаш дефект. Немаме струја дома, се јавуваме во службите, но не знаат колку долго ќе трае ова. Студено е, се надеваме брзо ќе заврши, сведочат жители на Лисиче.
Засега нема информации за искорнати дрва или материјална штета, но со повеќе информации ќе се обратиме подоцна.
Како што најавуваат од УХМР, во следниот период ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи ќе има во сабота.
Во недела попладне и во понеделник ќе има преодно стабилизирање на времето, а од вторник се очекуваат нови врнежи од дожд.
Како што информираат од УХМР, утре минималната температура ќе се движи во интервал од 0 до 8 степени целзиусови, а максималната температура ќе биде од 6 до 14 степени.