Скопската Зоолошка градина повторно e отворена
Зоолошката градина во Скопје од вчера е повторно отворена за посетители, откако пред три недели Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) утврди случај на птичји грип кај угината гуска во градината, а установата беше затворена на 21 ден.
„Ве известуваме дека од оваа сабота (09.11.2024) Зоолошка градина на Град Скопје повторно ќе биде отворена за посетители со редовно работно време од 09:00-16:00 секој ден. Да уживаме заедно во убавите есенски и сончеви денови, ве очекуваме“, соопштија од ЗОО Скопје на Фејсбук пред два дена.
Претходно, Агенцијата за храна и ветеринарство утврди дека Зоолошката не постапила според законските процедури за пријавување на зараза, по што на терен беа убиени повеќе од триесет птици: 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка што била присутна на локацијата.
Од ЗОО Скопје обвинија за незаконски упад и масакр врз птиците, тврдејќи дека станува збор за незаконска акција без соодветни докази.
По овој случај, Зоолошката градина беше затворена на 21 ден.
Птичјиот грип, познат како авијарна инфлуенца (АИ), е болест предизвикана од вирусот на грип/инфлуенца тип „A“ која може да предизвика големи загуби во живинарската индустрија, во производството на птици (кокошки, мисирки, потполошки, бисерки, итн) и ограничувања во увозот и извозот живи птици и производи од живина. Болеста е зооноза (болест која првенствено влијае на животните – птиците, но предизвикува болест и кај луѓето). Од вирусите на авијарна инфлуенца во ретки случаи можно е да се заразат и луѓето. Пренос на луѓето се случува кога постои близок контакт со заразени птици или во високо контаминирана средина.
Последните случаи на појава на високопатогена авијарна инфлуенца беа во 2022 година, во населените места Градец, Лески и Виница, место Селце во општина Штип и во близина на Злокуќани, општина Карпош.