Елитата на ретроспективната изложба на Кондовски: Волшебни слики на мајсторот на четката (галерија)

Кондовски зад себе остави импозантен творечки опус со уште несогледани димензии , кој е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност


Триесет години од последната средба на Димитар Кондовски (1927-1993) со македонската културна јавност, љубителите на префинетата уметност синоќа, во огромен број, во Даут – пашин амам во Скопје, повторно уживаа во делата на мајсторот на четката, создавани на релација Белград, Париз, Рим и Скопје.

Фото: Б. Грданоски

Ретроспективната изложба ги опфаќа сите периоди од неговата творечка дејност, а кураторот на проектот  Емил Алексиев истакна дека Кондовски зад себе остави импозантен творечки опус со уште несогледани димензии, а неговиот исклучителен творечки опус е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност.

Фото: Б. Грданоски

На официјалното отворање на ретроспективната изложба синоќа се обратија претседателот на државата Стево Пендаровски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими, во присуство на семејството  на Кондовски, а почит му оддадоа пријатели, колеги и љубители на уметноста од сите сфери на јавното живеење во земјата. 

Фото: Б. Грданоски

Кондовски, роден во Прилеп, дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград, во 1952 година. Во 1958 година бил на студиски престој во Париз, а во текот на 1961/62 година специјализирал ѕидно сликарство во Рим. Во 1980 година бил избран за професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде работел до 1987 година. Во 1991 година бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.

Фото: Б. Грданоски

Својата творечка дејност Кондовски ја надоврзува на две значајни насоки по кои се движи и денес ликовната уметност. Едната детерминанта која го одредува неговото творештво е геометриската апстракција. Таа својот особен израз ќе го најде во геометриската конструкција на неговите дела, користењето сложени математички пресметки за да се постави основната композиција, геометриските модули и канони за одредувањето на пропорциите. Втората детерминанта што го одредува творештвото на Кондовски е сликарството на знакот и симболот. Во неговите дела знакот секогаш поседува високо симболична вредност. Тој уметноста ја разбира како херменевтика, како откривање на шифрата на светот, како пронаоѓање на тајниот клуч на универзумот.

Фото: Б. Грданоски

Од почетокот на шеесетите години на 20. век интересот на Кондовски за портретното сликарство се разгранува во две главни насоки – салонски портрет, работен во слободен академски стил и портрет работен со конструктивистичка постапка која ја обединува фигурацијата и апстракцијата преку декоративниот орнамент, каде припаѓаат и сликите со религиска тема (претстави на светители) и автопортретот. Напоредно со овој главен тек во творечката дејност на Кондовски постојано се јавуваат и разграноци кои во неправилни изблици ја изразуваат неговата потреба да се враќа кон класичниот ликовен израз и ликовната традиција. 

Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото; Б. Грданоски
Фото; Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски