Скопската елита на изложбата на Рубенс Корубин: Волшебни слики на мајсторот на четката


Како скапоцени камења на накитот на една префинета дама, така и уметничките слики на мајсторот на четката, Рубенс Корубин синоќа во Чифте амам светеа и ја маѓепсуваа скопската културна елита која во огромен број дојде да му оддаде почит на великанот на македонското сликарство. Последниот рененсансен човек и сликар чија уметност ја плени душата и ја буди фантазијата, Корубин веќе со децении е на самиот врв на современото македонско сликарство.

Изложените дела на авторот, дел нови, создадени во последноте години, постари слики од неговите студентски денови во Белград  и важни дела од 80-тите и 90-тите , како што ќе забележи и неговиот рецензент во каталогот, д-р Кирил Пенушлиски , сведочат за исклучителна способност за прикажување на едно ретко емотивно богатство кое заедно со атмосферата и тонот секогаш се во функција на приказната што тој сака да ја раскаже. Видливи се промените во сликарската палета, но исто така очигледно е дека тие слики се дела на еден уметник.

На изложбата ѕирнавме симболично и во ателјето на мајсторот во Сарај кој е повеќе од само работен простор. Таму има и завршени и штотуку започнати слики, ангелски крилја, алхемиски патокази, арапски сандали и индијански томахавки. Тоа е вистинска пештера на Али-баба исполета со секаква волшепства и богатства. Дел од тие богатства, оние кои се појавуваат како иконографски елементи во неговите дела, се присутни и на изложбата.

И музата од неговите платна, сопругата Лиле синоќа беше негова поддршка како и семејството, но и многубројните пријатели, обожаватели и гости, меѓу нив и министерот за култура Хусни Исмаили, кој и се обрати на публиката.

Сите синоќа на отварањето во Чифте амам, а и сите посетители до крајот на месецот ќе ја почуствуваат радоста да бидат во ателјето на Корубин. Тоа можеби еднаш се случува во Македонија и се памети цел живот.

А тој, горд, на своето дело, може со задоволство да продолжи во Сарај да создава нови магични слики, зашто исклучителниот јубилеј – седумдесет години живот и четириест и пет години од дипломирањето на Ликовната академија во Белград го прослави на најубав можен начин .

Лејла Сабит   Фото: Борис Грданоски