Скопје во пеколни горештини – денеска до 39 степени Целзиусови
Температури до 40 степени Целзиусови, летна жега. Скопје деновиве живее на пеколни горештини, а разладување се бара под сенките од дрвјата, покрај кеј, на Водно и во парк.
Движењето низ градот претставува проблем и за старите и за младите. Граѓаните се заштитуваат од жешкото сонце со очила, шешири и марами од лесни материјали, префрлени преку рамењата. Тешко е дури и да се вози велосипед или електричен тротинет.
Речиси сите шетаат со шише вода в раце, а неретко може да се сретнат волонтери на Црвениот крст или претаставници на компаниите кои произведуваат безалкохолни пијалоци, како делат студени напитоци на минувачите низ центарот на градот.
Фонтаните се главно сврталиште на сите. Деца подаваат раце кон водата, а и птиците слетуваат да се напијат вода.
Според УХМР денеска нѝ следува многу топло време. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен, на југоистокот од југоисточен правец. Утринската температура ќе се движи од 12 до 22, а максималната ќе достигне од 33 до 40 степени. УВ-индексот ќе изнесува 9.
Во Скопје температурата ќе се искачи на 39 степен.
Разладување може да очекуваме дури утре попладне и во сабота, за кога се најавени локални поројни дождови, грмежи и засилен ветер. (Б.Б.)
Погледнете ги фотографиите што ги направи нашиот фотограф Борис Грданоски.