Учениците ќе имаат превоз в понеделник, и ако ЈСП одлучи да не вози


Фото: Б. Грданоски

Доколку до понеделник не им се исплатат платите на вработените во ЈСП, јавен градски превоз нема да има. Но, сепак, од синдикатите на ЈСП уверуваат дека ќе се договорат со своите вработени, да ги опслужуваат линиите со кои се возат учениците, за кои почнува второто полугодие.

Синдикатите на ЈСП сметаат  дека надлежните треба да ги остават сами да работат, да креираат политика, тарифен систем, систем на линии, цената на билетот. Нудат и решение, претпријатието само да работи и да остварува профит.

На советниците од Советот на Град Скопје им порачаа итно да свикаат седница на Советот со една единствена точка на дневен ред, а тоа е гласање за субвенционирање на ЈСП. 

„Дописот е испратен на сите страни. Во текот на денешниот ден, во текот на утрешниот ден и за време на викендот, иако е голем верски празник Водици, Советот на Град Скопје може да се собере и да ја донесе одлуката како што е донесена за Буџетот за 2024, така да ја донесе одлуката и за субвиционирање за на јавниот градски превоз, во висина од 11 милиони евра“, вели Миќо Стојановски-претседател на Синдикална организација на ЈСП.

Градончалничката на Скопје, Данела Арсовска пак, вели дека оние одлуки што биле за редовното функционирање поврзани со буџетот на Град Скопје, уредно ги доставила до Советот и претседателот. Свикала и вонредна седница, но точките кои биле важни за претпријатијата на Град Скопје, претседателот ги отстранил од дневниот ред. 

Од друга страна пак, претседателот на Советот Трајко Славевски вели дека точката ќе ја ставел на дневен ред, ако градоначалничката се појавела на седницата, но таа не дошла. 

Вработените се непоколебливи, ако до понеделник нема никаква промена, на првиот ден од второто полугодие, кога учениците тргнуваат во училиште, нема да има градски превоз. Но, потенцираат дека во договор со вработените, можат да одлучат за неколку линии кои ќе ги превезуваат децата бидејќи почнува второто полугодие.