Скопје утре без јавен превоз – возачите повторно не зеле плата


Фото: Б. Грданоски

Утре повторно нема да има јавен градски превоз во Скопје. Ова следува откако вработените во ЈСП не ја добиле платата за јануари.

-Еве денеска е 15 февруари. Последниот законски ден за исплата за плата. Од утре УЈП ќе земе 0,03 проценти од нашето купче. Не се договоривме така со градоначалничката и директорот на ЈСП Скопје. Советот на Град Скопје си ја донесе одлуката и си ја заврши работата. Остана сега парите да се префрлат и платата да биде во редовен рок, рече Миќо Стојановски, претседател на Синдикатот на ЈСП.

Парите денеска не биле префрлени и поради тоа вработените во ЈСП одлучиле повторно да стапат во штрајк.

-Нема да работат ниту билетарите, ниту линиската контрола, ниту работилници, ниту возачите. Ова мора да престане. Каде ќе им оди душата на луѓето не им е јасно, додаде Стојановски во изјава за медиумите.

Проблеми имаше и пред половина месец, кога граѓаните добија јавен градски превоз по вториот успешен обид за гласање на субвенциите за исплата на плати на вработените во јавното сообраќајно претпријатие.

Во мандатот на градоначалничката Данела Арсовска, вработените во ЈСП неколкупати штрајкуваа и Скопје прв пат остана без градски превоз.  Сега, како да станува пракса.