Скопје украсен со “Прозорците што се смеат“ (фото)


Фото: Б. Грданоски

Скопје овој месец е украсен со „Прозорците што се смеат“  како дел од изложбата изработена од лица со интелектуална попреченост од Дневниот центар „Порака“ и Центарот за изведувачки уметности и едукација „Театар Пи“ од Скопје. На 18 декември, организаторите  онлајн го прикажаа истоимениот документарен филм.

Фото: Б. Грданоски

На плоштадот пред Дом Ибни Пајко, поставените инсталации предизвикуваат внимание и восхит, зашто „единствената попреченост во животот е лошиот став“.

Фото: Б. Грданоски

Независниот „Театар Пи“ е основан во 2012 година од актерите Златко Митрески и Македонка Илиевска Митреска. Идејата за создавање на театарот произлегла од нивната потребата за истражување и експериментирање во алтернативниот простор на театарската уметност во интеракција со сите други уметности.

Фото: Б. Грданоски

– Сметаме дека мултимедијалноста на изразните средства и алатки во досегашните наши претстави успева кај публиката, како и кај актерите, да резонира на еден поразличен начин од конвенционалниот театар, но без да ја загуби основата на театарската уметност. Нашата трупа е создадена за да привлече уметници и публика кои имаат потреба да бараат нови изразни форми и таму некаде по пат почнавме да создаваме театарски приказни со лица со интелектуална попреченост. Низ алатките на театарот си дадовме шанса нам, а и на лицата со попреченост да ја истражуваме инклузивноста, кохезивноста и секојдневната проблематика во нивниот свет и како тој резонира во нас. Видовме дека имаме силна алатка со која лицата со интелектуална попреченост стануваат видливи за општеството, а тоа ни донесе радост. Ако ние уметниците, како едни од најактивните членови на општеството, не земеме учество во овој вид културно-социјални инклузии и не ги вклучиме во нивното секојдневие ќе пропуштиме еден многу моќен и магичен свет полн со љубов да остане таму некаде, велат од „Театар Пи“.

Фото: Б. Грданоски

Нивната мултимедијална платформа е поддржана од Град Скопје – одделение за социјална заштита и од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Фото: Борис Грданоски