Скопје танцовиот театар на фестивал во Рига


На 16 јуни почеток во 21ч., во рамки на најголемиот интернационален фестивал за современ танц во Латвија, “Laikis Dejot” кој се оддржува од 12 до 21 јуни 2022 година, во Рига, на сцената на “NOASS” центарот, ќе се изведе кореографијата  „Не ми ги допирај очите“ на Адријана Данчевска, во продукција на Скопје танцовиот театар, во која настапуваат Анастасија Данчевска и Дејан Битровски.

Ова е прво претставување на Скопје танцовиот театар, чиј уметнички директор и оснивач е Рисима Рисимкин, на овој значаен фестивал. Со ова гостување Скопје танцовиот театар ја заокружува извонредно успешната сезона, во која имаше повеќе изведби на свои претстави на светски сцени, од кое најзначајно е гостувањето на сцената на престижниот Националаен театар за современ танц „Шајо“ во Париз, каде беше изведена, три пати по ред претставата на Рисима Рисимкин „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, која париската критика ја оцени како брилијантна. Воедно, оваа сезона Скопје танцовиот театар гостуваше и во Братислава, Словачка и Загреб, Хрватска, а беше формиран и подмладокот на компанијата Скопје танцов театар 2, чија постава настапи на фестивалот Танц Фест Скопје 2022 и во Братислава, Словачка.

Во најавата за нејзината кореографија, кореографката Данчевска  вели: „Не ми ги допирај очите“ се поистоветува со човекот во Македонија. Го слави животот, убавото во едноставното и гневот во постоењето. (Кога ќе те снема, може повторно да те заима). Следете политика и главите кон сонцето!“ Музиката за претставата ја потпишуваат Артефакт и Гордан Спасовски трио. Во перформансот настапуваат танчерите Анастасија Данчевска и Дејан Битровски.

Во рамки на програмата на фестивалот, на 17 јуни, уметничката директорка на Скопје танцовиот театар и деканка на Филмската академија, Катедра за современ танц при универзитетот “Гоце Делчев”, професор Рисима Рисимкин, ќе одржи предавање на тема “Развој на софтвер за компјутерски генерирана кореографија”, а кореографот и танчер Дејан Битровски, ќе има работилница за современ танц. 

Скопје танцовиот театар, основан и предводен од Рисима Рисимкин, во своите 11 години постоење, успева да се пласира на интернационалната современа танцова сцена и да гостува на најпрестижни фестивали. Скопје танцовиот театар, зад себе има остварено преку 70 продукции. Работата на Скопје танцовиот театар е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.