Скопје танцов театар со три изведби на првото гостување во Париз
Скопје танцов театар овој месец првпат ќе настапи во Париз, каде што ќе ја изведе претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, со кореографија на Рисима Рисимкин. Таа ќе има три изведби на сцената на Националниот театар за современ танц Шајо, на 16, 17 и 18 март.
Претставата премиерно се изведе во 2020 на Охридско лето, по повод одбележувањето 30 години кореографска работа на Рисимкин. Настапуваат Анастасија Данчевска, Мими Поп Алексова, Сара Цветковска, Бобан Русески, Дејан Битровски, Викторија Коцева, Стефани Шаршмит, Андреј Димовски и Емилија Милак. Музиката ја напиша Тони Китановски, костимите ги изработи Благој Мицевски, а сценскиот дизајн е на Матеа Мијановиќ.
Пред заминувањето за Париз, претставата ќе може да се гледа во Македонскиот народен театар на 10 март.