Скопје со песните на „Парни ваљак“- последно збогум за Аки Рахимовски (фото)


Фото: Б. Грданоски

Центарот на Скопје денес ечеше со легендарните песни на „Парни ваљак“, а така ќе биде и до вечер кога од 18 до 19:30 часот, е закажан главниот собир  кога хорови, пејачи и пријатели заеднички ќе отпеат некои од најголемите хитови на бендот.

Александар Митевски/ Фото: Б. Грданоски

Фанови, почитувачи на нивната музика, меѓу нив и пријатели и колеги од домашната естрада, претседателот Пендаровски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, му оддаваа последната почит на својот сограѓанин Аки Рахимовски, пејачот на „Парни ваљак“, кој ненадејно почина во саботата на 66 години, а ќе биде утре погребан во Алејата на великаните во Загреб.

Зоран Блажевски/ Фото: Б. Грданоски

Настанот на плоштад Македонија го организира радио „Бубамара“, со поддршка од „КЛС саунд“ и Град Скопје. Кај тревникот пред „Пелистер“  беше отворена книга на жалост, во која што од 13 часот  можеа да се запишат сите почитувачи и обожаватели на Рахимовски, да положат цвеќе и да запалат свеќа во негова чест.

Драган Спасовски-Дац/ Фото: Б. Грданоски

 

Рахимовски е роден во Ниш во 1955, но пораснал во Скопје и тука почнал да го стекнува своето музичко образование. Со гитаристот и композитор Хусеин Хасанефендиќ,во 1975 ја основал групата „Парни ваљак“, која низ годините ќе стане една од најпопуларните во поранешна Југославија, а Рахимовски еден од најдобрите фронтмени. 

Фото: Б. Грданоски