„Скопје синема сити“ се отвора со филм за Олафур Арналдс и Мајлс Дејвис, а затвора со Кејт Буш и Марк Болан


Во дворот на Кинотека на С. Македонија, вечерва во 19 часот ќе започне седмото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“.

Фестивалот ќе трае 4 дена, 18-19 септември и 21-22 септември, и ќе се одвива во дворот на Кинотека на Македонија. Сите проекции ќе почнуваат во 19 часот и картите ќе можат да се набават пред проекциите на касата од Кинотека.

Филмот што ќе го отвори Фестивалот е уметничкиот филм „Кога ќе се родиме“ во режи ја на Винсент Мун, за филмскиот композитор Олафур Арналдс, кој што е воедно и „Артист в офокусот“. Истата вечер ќе се прикаже филмот за џез великанот Мајлс Дејвис „Birth of the Cool“ со што ќе се одбележи 30-годишнината од неговата смрт.

Втората вечер ќе биде прикажан филмот The Hip на режисерот Јане Алтипармаков и тоа ќе биде со слободен влез. Филмот што ќе следи е B-Movie: Lust and Sound in West Berlin за боемската и декадентна сцена во Западен Берлин.

На 21 септември, ќе биде прикажан краткиот филм Angel’s Breath односно филм за музичката авантура на Милан Младеновиќ и Суба во Бразил кој го изнедри истоимениот албум. Во продолжение ќе биде прикажан филмот за Кирил Џајковски „Современа музика за современа доба“ во продукција на ТВ Војводина. Филмот е портрет на Џајковски и неговите достигнувања во електронската и филмската музика, а осврт е даден и на неговото минато со бендовите Бастион и Леб и сол. Филмот досега не бил прикажан во Македонија. Истата вечер ќе биде прикажани филмовите Трагачи по звукот (бесплатна проекција) и Primal Scream: Изгубените снимки од Мемфис. Последната вечер ќе бидат прикажани филмовите Кејт Буш: Трчајќи по ридот и Марк Болан: Космичкиот танчер.