Скопје се подготвува за Илинден – централната манифестација во Вила Водно


Централната манифестација во главниот град по повод Денот на Републиката 2 август  ќе се одржи во претседателската Вила Водно. На неа ќе се обратат претседателот Стево Пендаровски и претставник на главниот одбор на Сојузот на борците.
На свеченоста, која е предвидено да започне во 11.30 часот, се поканети членови на Сојузот на борците, претставници на институции и на политички партии во државата, како и членови на дипломатскиот кор.
Претходно, во организација на Кабинетот на претседателот во Скопје ќе се одржат неколку настани во рамки на чествувањето на 2 Август.
Во Алејата на великаните, на градските гробишта Бутел во Скопје, претседателот Пендаровски заедно со претставници на Сојузот на борците, во 10 часот ќе положи цвеќе пред Споменикот на паднатите борци од НОБ, а ќе се поклони и ќе оддаде почит на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски и на генерал Михајло Апостолски.
Делегација од Кабинетот на пpетседателот, предводена од генералниот секретар Миле Бошњаковски, во 8:45 часот ќе положи цвеќе пред споменикот на АСНОМ во паркот Жена-борец, во 9 часот пред споменикот на Никола Карев пред Собранието, и во 09:15 часот пред споменикот на Методија Андонов-Ченто на градскиот плоштад во Скопје.
Свеченостите за чествување на 2 Август – Илинден во организација на претседателот ќе бидат отворени за медиумите, а од централната свеченост во Вилата Водно ќе се врши и директен пренос на јавниот сервис.