Скопје прозвучи новогодишно: Зимска бајка со пијанистот Дино Имери во Филхармонија

Зимска бајка ни отсвири талентираниот пијанист од помладата генерација Дино Имери синоќа на празничниот концерт во Филхармонија замислен како збогатување на празничната атмосфера и подигнување на новогодишното расположение, во организација на „Баги комуникации“.

Иако скромната сцена не беше новогодишно накитена, тешката програма ѝ ги стопли срцата на публиката- љубители на класичната музика, пријатели, фанови и почитувачи на виртуозните изведби. Генијалната музика на Чајковски, Рахмањинов, Лист Штраус и Равел, и народната отсвирана на бис „Јас те пратив на вода Калино“  се лизгаше лесно низ прстите на елегантниот Имери од позната музичка фамилија, кој може да се пофали со настап и со Стразбуршката Филхармонија.

Новогодишната магија еден час не се случуваше надвор меѓу накитениот плоштад или домови, туку, во концертната сала, кој беше во публика, се почувствува светски.

Пред овациите, првата новогодишна честитка за Имери му посака мата ќерка која возбудена се искачи на сцената и му подари цвеќе.

Маестро Имери веќе има закажано настапи во неколку европски престолнини.

Своето образование го стекнува работејќи со проф. Људмила Романова и проф. Борис Романов (во чија класа и дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје со Cum Laude), како и со проф. Симон Трпчески, во чија класа магистрира на само 22-годишна возраст со просек 10 и со почести Cum Laude. (Л.С.)