Скопје полно со млади спортисти – се рушат и светски рекорди

Естонката Алика Инкери Мозер е првата олимпијка која, во Скопје, со прескокнати 4,52 метри постави нов светски рекорд, надминувајќи го претходниот од 4,51 метар во скок во височина со стап.
Таа настапува на Европскиот младински олимписки фестивал – Скопје 2025, а да го сруши светскиот рекорд ѝ успеа на 40 степени Целзиусови, иако, вели во Естонија тренира на температура од 20 степени Целзиусови.
„Благодарна сум на можноста да се натпреварувам. Навистина сум среќна што дома ќе однесам златен медал, но и светски рекорд, што за мене е многу неверојатно“, рече денеска на прес-конференција младата Алика Мозер.

Таа е една од повеќе од 4.000 олимпијци на возраст од 14 до 18 години кои осум дена во Скопје, Куманово и во Осиек се натпреваруваат во 15 спортови.
Скопјани можеби се навикнати на скопските горештини во јули, но не сите спортисти кои доаѓаат од 49 земји во Европа, плус двајца во категорија бегалци, знаат да се носат со високите температури.
Затоа, организаторите смениле дел од сатниците за одржување на натпреварите, особено оние кои се одржуваат надвор, за пораните утрински часови или подоцна навечер, но и двојно го зголемиле количеството вода која им е на располагање на сите учесници, а дел од салите кои немаат климатизација, опремени се со подвижни климатизери за да се обезбедат простојни услови за натпревар.
„Направивме комплетно медицински мерки, кои што се препорачани од Меѓународниот олимпсики кометит, значи во секоја сала има дополнителни количини мраз и ладни кади. Секако Спортскиот департмент од Европскиот олимписки комитет препорача промена на некои сатници…“, рече Даниел Димовски, претседател на Олимпискиот комитет.
„За нас како Европски олимписки комитет, безбедноста на спортистите е на прво место. Направивме сѐ што е потребно за да обезбедиме надобри можни услови“, потврди и Спирос Капралос од ЕОК.
На новинарско прашање зошто дел од натпреварите, оние во гимнастика се одржуваат во Осиек, Хрватска, а не во Македонија, Димовски појасни дека Македонија нема соодветна сала за таа намена, па во соработка со Хрватскиот олимписки комитет, Осиек бил добро решение, и за прв пат покажале дека ваков спортски настан може да се организира со две земји кои би биле домаќини.
Годинава македонските спортисти се најбројни, дури 200, а деца се натпреваруваат во сите спортови.
Македонската одбојкарка Матеја Попоска, кој го носеше и знамето на отворањето на Олимиските младински игри, ги покани сите да присуствуваат на вечерашниот натпревар против Турција, што ќе се одигра попладнево од 18 часот, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.

„Поддршката се дава со полни трибини. Нашиот прв натпревар беше против Италија, кои се фаворити, но иако загубивме, успеавме да дадеме сѐ од себе и да покажеме како се игра со срце и каква енергија треба да се даде кога се игра за својата држава“, рече Поповска, која им честиташе на сите спортисти кои успеаја да ги соборат личните, па и националните рекорди.
Деновиве, Скопје е полно со деца од многу држави кои спортуваат, се забавуваат, постигнуваат рекорди, а ги полнат скопските улици преку ден, но и навечер. Секако, тука се и волонтерите, кои ги има на возраст од 12 до 60 години, а се грижат сѐ да се одвива според планираното. За учесниците на олимпијадата, обезбедени се и брендирани автобуси кои се движат низ градот.
Секако, ваква грандиозна организација ќе покаже дека Македонија може да се најде на мапата на сите спортси случувања како домаќин, што е порака до сите спортски асоцијации од светот, смета министерот за спорт и млади Борко Ристовски.
„За мене претставува празник за очи, затоа што не се случува секојдневно 4.000 натпреварувачи да се во Скопје. Да покажеме уште еднаш дека сме спремни да организираме големи натпревари и се надевам дека ова ќе ни послужи во апликациите во другите спортови во иднина да добиеме големи натпреварувања“, рече Ристовски.
Сепак, на социјалните медиуми уште првиот ден се појавија фотографии на кои се гледа како во тоалет во една соба каде е сместена шпанска натпреварувачка паднал дел од таванот, но Димовски појасни дека тоа може да се случи, во услови кога имаме 4.000 напреварувачи, главно сместени во хотели, а капацитетот на Скопје за сместување е тој. Овој инцидент се случил во хотел со 4 ѕвезди, каде поради протекување на вода, се распаднал спуштениот гипс плафон, но веднаш е поправен и нема проблем. Тој смета дека за жал, учесниците на Олимпијадата не може да бидат сместени во студентски домови, како што е вообичаената практика, поради тоа што дел од нив се реновираат, а штом хотелиерите дознале дека ваков настан доаѓа во Скопје, ги зголемиле цените двојно. Оттаму и „тивката“ кампања за настанот, пред неговото одржување и агресивната последните денови.
Но, одржувањето на Младинската олимпијада во Скопје е можност скопјани во живо да ги гледаат наптреварувачите, кои еден ден се очекува да настапуваат на сениорските олимпијади и тоа скоро на следната во Лос Анџелес 2028, а потоа и во Бризбен 2032 година, затоа што сега се работи за деца од 14 до 18 години, но ваквите олимијади секогаш биле ризници за нови шампиони.
Инаку, сите напревари може да се следат и на EOC TV , a досега атлетиката (каде беше постигнат и светски рекорд) била гледана од 100.000 гледачи, бадмингтонот од 80.000, а баскетот од 60.000, што според Капралос се огромни бројки.