Скопје под сообраќајна блокада – нервозните граѓани едвај стигнаа дома


Фото: Б. Грданоски

Скопје попладнево беше неколку часа под сообраќајна блокада, при што голем број возила и автобуси останаа заглавени по улиците и крстосниците.

И по два часа се патуваше во автобус од јавниот градски сообраќај и тоа оној што имал среќа да се качи. Оние кои стоеја на постојките не успеваа да го дочекаат бројот на автобус што требаше да ги однесе до дестинацијата каде тргнале. 

Сообраќајниот колапс се случи попладнево после 15 часот. Неколку крстосници беа со исклучени семафори, а сообраќајот го регулираа полицајци. Но, метежот беше огромен, па немаше ни што да се регулира. 

Автобусите стоеја и по неколкупати ги отвораа вратите на „Рекорд“, затоа што за 10 минути се придвижуваа едвај 50-тина метри. 

Кога конечно ќе тргнеа, патувањето траеше со часови. Блокирани беа речиси сите поглавни булевари во главниот град, особено оние во центарот. Метежот се расчистуваше дури на периферијата.

Во автомобилите се забележуваа само возачи. Ретко кој автомобил имаше и патник, односно само совозач. Сите со телефоните в раце. Ќе речеш, оправдано, затоа што и онака стојат. 

Дали дождот, кој проврна денеска, исто како и минатиот петок, дали неколкуте помали сообраќајни незгоди или пак делегациите со функционери кои поминувале во тој период, беа причините за колапсот, нема одговор ни МВР, од каде одговорноста ја прерлаат на Центарот за управување и контрола на сообраќајот.

Во врска со сообраќајниот хаос во Скопје, од МВР велат дека според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата „Надлежен орган за управување и контрола на семафорите и сообраќајот на крстосниците на подрачјето на град Скопје е град Скопје преку Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС)“.

-Бидејќи попладнево настана сообраќаен метеж, (на што објективно влијаеја и неколку полесни сообраќајни незгоди, но и зголемената употреба на возила од страна на граѓаните  поради временските услови), а врз основа на член 5 од ЗБСП, СВР Скопје -Единица за  безбедност на сообраќајот на патиштата – Одделение за безбедност на патниот сообраќај постапи со цел да се овозможи поголема проточност на сообраќајот и очекуваме метежот наскоро да биде расчистен, велат од МВР.