Скопје плаче, Скопје се гуши, порача кандидатот за градоначалник од Независните, деканот Марковски


Опстанокот на Скопје е загрозен, а тоа ги дефинира приоритетите на идните градоначалници, кои трката ќе ја почнат во октомври годинава на локалните избори, смета кандидатот за градоначалник поддржан од „Независни заедно“, професорот и декан на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски. 

Тој денеска се претстави пред скопјани, во близина на Камениот мост, затоа што покрај тоа што му е инженерска обврска да гради, мостот според него е сумбол на поврзување, а тоа смета дека му треба на Скопје. 

Не ветува дека за четири години, колку што трае еден мандат на градоначалник Скопје, ќе се справи со сите проблеми, но мора да се почне. 

„Дали го слушате плачот на Скопје. Скопје плаче, Скопје се гуши, Скопје се суши. Нашето Скопје моли за помош. Скопје моли за помош од оние кои го сакаат, искрено го сакаат, од оние коишто знаат и умеат како да му помогнат. Нашето валкано, загадено, заматено, дехидрирано, депримирано Скопје, бара шанса како никогаш досега. Бара шанса за својот развој. Бара кохезија на сите чинители, без разлика на што било. Бара одговорност и се разбира кохерентност. Тажно е, тешко е и за мене веќе невозможно беше да го слушам звукот на нашето напатено Скопје. Крикот на мојот роден град, град којшто останува без својот идентитет. Токму затоа се нафатив да бидам кандидат за градоначалник на Скопје. Потполно сум свесен во какво општество живееме. Дека сѐ уште нашето опкружување е обременето со партиско, оргомно делување, но исто така убеден сум дека без граѓанска иницијатива, без лична независност, ниту можеме да имаме добра демократија, ниту здрави институции, ниту квалитетен град“, малку поетски почна и заврши со своето претставување Марковски.

Според нег,о жално е во овие години, во главен град на европска држава да зборуваме за теми коишто се поврзани за теми за опстанок, а не за развој. Наместо да говориме за поширока примена на дигитализација, за употреба на вештачката интелигенција во секојдневието, за нови модели на градски сообраќај, за зелен град и нулта емисија на CO2 и нулта смртност на улиците, ние зборуваме за гол опстанок.

„Со нашата негрижа за загадувањето на Скопје, со немањето вода се помага да се одделат приоритетите, а тоа е загадувањето и проблемот со вода. Но, тоа е разлика меѓу инженерите и другите. Тоа се проблеми кои можат да се решат“, вели Марковски.

Затоа најавува конкретни решенија, но со нив ќе излезе во текот на кампањата: како да се намали загадувањето, како да се направи зелен обрач околу Скопје, да може пеш да се стигне секаде, да се премине улица…