Скопје новогодишно накитено со срамежлива елка


Фото: Б. Грданоски

Цел месец медиумите се обидуваа да стигнат до информација дали и кога Скопје, како главен град, ќе биде новогодишно украсен. По повеќе написи, се огласија од Градот, од каде рекоа дека Скопје ќе биде новогодишно украсен на 15 декември. Тоа е утре, а Скопје навистина се украси со елка, еленчиња, лампиони, капи од Дедо Мраз, снегулки, пакетчиња – нормално светлечки фигури расфрлани по плоштадот „Македонија“ и по главните сообраќајници околу центарот на градот. 

Но, мора да се забележи дека елката, која низ годините го заземаше централното место на плоштадот, годинава е скромна, мала, речиси срамежливо ѕирка од зад лавот, на фонтаната „Воин на коњ“, а ја затскриваат и неколкуте новогодишни форми поставени околу неа. Ако не внимавате, може потполно да ја промашите, особено преку ден, кога не се запалени сијаличките. И ѕвездата на врвот е некако неугледна, но веројатно силно свети ноќе. 

На другиот дел од плоштадот се распослаа куќичките кои треба да послужат за новогодишниот панаѓур, во неколку реда, кога се оди кон Камениот мост. 

Украсени се и улиците. Над „Рекорд“, на потегот од Министерството за правда обесени се светлечки пакетчиња и чадорчиња. 

Иако, Градот се гордее со тоа што украсувањето ќе биде далеку поевтино од претходните години, сепак, украсувањето кој знае дали ќе може на скопјани и случајните туристи да им ја долови новогодишната атмосфера. 

Сепак, кафулињата околу плоштадот и по пристапните улици како да го оправдаа Скопје. Нивните излози и тераси се богато, новогодишно украсени, со милиони мали светилки, а и ќебенцата кои се поставени се карирани црвено-зелени, или црвени со бели снегулки, па потсетуваат на домашна атмосфера. 

Инаку, неколку општини, уште на почетокот на месецот најавија и ги украсија парковите, улиците, плоштадите кои се под нивна надлежност. Па така, новогодишно блеснаа Аеродорм, Карпош и Центар. 

Иако Новата година е на само 15 дена од нас, сепак, Градот можеби повторно, како лани ни приредува изненадување, па не открива ниту дали ќе има некаква програма за новата година, ниту кој ќе пее, доколку се организира некаков дочек на плоштад. Лани, тоа се таеше до последниот ден, а сепак, многу скопјани токму таму ја дочекаа новата година.  (Б.Б.)

ФОТО: Б. Грданоски