Скопје најзагадено во свет, за Владата недоволно за прогласување алармантна состојба


Изет Меџити (Фото: Б. Грданоски)

Скопје е најзагаден град во свет, но за министерот Изет меџити тоа не е доволно. Според соопштението од неговото Министерството за животна средина, се уште не е исполнет условот на прогласување на аларманта состојба поради загаден воздух.

„Прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри е дефиниран со „Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели.Тој се прогласува кога имаме надминување на вредноста од 150 mg/m 3 во текот на два последователни денови и добиена временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи.

Во моментот имаме надминување на праг на алармирање само во Струмица. Согласно Уредбата, во Скопје треба на најмалку две мерни места да има последователно 2 дена со среднодневна концентрација на РМ10 над 150 микрограми на метар кубен. Моментално само на мерното место во Лисиче има последователно 2 дена. На мерното место во Центар само на 07.01 е измерена среднодневна концентрација над 150 микрограми на метар кубен и поради тоа не е исполнет условот на прогласување на аларманта состојба на ниво на Град Скопје“, порачаа од Министерството.