Скопје испадна од трката за Зелена престолнина на Европа во 2023 година
Македонскиот главен град Скопје, заедно со Белград и Загреб, испаднаа од трката за Зелена престолнина на Европа во 2023 година. Во финалниот избор влегоа градовите Хелсинборг (Шведска), Краков (Полска), Софија (Бугарија) и Талин (Естонија), информираат од Европската Комисија.
Четирите европски града во последната фаза ќе имаат за задача да го убедат меѓународното жири дека се сериозно посветени на одржливиот урбан развој и дека можат да бидат позитивен пример за другите градови. Финалниот избор на овие четири града беше направен врз основа на нивната посветеност за справување со урбаните предизвици од областа на животната средина и за претворање на градовите соодветни за живот на граѓаните.
Зелената престолнина на Европа за 2023 година ќе биде официјално позната на настанот што ќе се одржи на 9 септември во финскиот град Лахти, кој за 2021 година ја носи оваа титула.
Паралелно на ова, формиран е и финалниот избор на градови за наградата Европски зелен лист за 2022 година. Оваа награда се доделува на градовите кои имаат помеѓу 20.000 и 100.000 жители и со неа се оддава признание за посветеноста во унапредувањето на животната средина и еколошката ситуација.