Скопје имаше препознатлива целина во МоМА во Њујорк


Со наслов „Архитектурата на Скопје во МоМА“, в недела, 30 јуни, во киното „Фросина“ со почеток во 19 часот ќе се одржи предавање за изложувањето на југословенската архитектура во престижниот њујоршки музеј.
„Во периодот јули 2018 до јануари 2019 г., во Музејот на модерната уметност во Њујорк се одржа изложбата ‘Кон конкретната утопија: Архитектурата на Југославија 1948-1980’, прво и најсеопфатно прикажување на архитектурата на поранешна Југославија во светски реномирана институција. Во рамките на ваквото претставување, постземјотресната обнова на Скопје доби значителен простор и претставуваше јасно издвоена, препознатлива целина“, се вели во најавата.
На предавањето излагање ќе имаат Владимир Десков, Ана Ивановска-Дескова и Јован Ивановски кои ќе се осврнат на нивната улога во текот на истражувањето и создавањето на изложбата.
Зад изложбата во МоМа, како главен куратор застана швајцарскиот архитект Мартино Стиерли, раководител на Филип Џонсон одделот за архитектура и дизајн во МоМА, кокуратор беше Владимир Кулиќ и Ана Катс како асистент-куратор.
Поаѓајќи од хипотезата дека Југословенската повоена архитектура не само што не е периферна, туку е во самата суштина на модернистичкиот проект, главните куратори вниманието го насочија на подрачје и тема која со децении се наоѓа надвор од интересот на „западната“ историја на архитектура, во таа смисла недоволно истражена, „егзотична“ и речиси непозната, подеднакво за општата, но и за стручната архитектонска јавност надвор од границите на поранешна Југославија и нејзината непосредна околина.
Формирајќи таканареченo кураторско советодавно тело, од страна на МоМА беа поканети десетина истражувачи од регионот, кои веќе години наназад се занимаваат со собирање, истражување, толкување, вреднување…, а во некои случаи и извлекување од заборавот на вредните архитектонски реализации и нивната документација. Од Македонија, членови на кураторското советодавно тело на истражувањето и изложбата беа архитектите Владимир Десков, Ана Ивановска-Дескова и Јован Ивановски.

Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков и Јован Ивановски се архитекти кои како тим повеќе од една деценија соработуваат на различни архитектонски и истражувачки проекти. По серијата на архитектонски конкурси работени во периодот 2008-2011, следат поголем број на истражувања и изложби. Во 2014 г. се куратори и дел од авторскиот тим на проектот „Наоди“ со кој Република Македонија се претставува на Биеналето во Венеција. Автори се на истражувачките проекти: „Невидливо Скопје“ (МГС, 2013), „Биографија на едно архитектонско дело: Телекомуникациски центар – Скопје“ (МГС, 2016), „Скопските вертикали“ (МГС, 2018) и „Загрозени видови“ (Природонаучен музеј, 2018), проследени со изложба и публикација. Своите истражувања поврзани со модерната архитектура на Скопје ги претставуваат и вон границите на Македонија со изложбите: „Скопје, македонска архитектура во контекст“ (Галерија Рингтурм, Виена, 2017), „Иднината како проект: Доксијадис во Скопје“ (Музеј Бенаки, Атина, 2018) и во рамките на поширок истражувачки тим: „Кон конкретната утопија: Архитектурата во Југославија 1948-1980“ (МоМА, Њујорк, 2018).