Скопје годинава ќе вработи нови 25 пожарникари, иако му требаат повеќе од 200
Скопје годинава ќе вработи нови 25 пожарникари, иако му требаат повеќе од 200. Главниот град, но и повеќето општини од земјава се далеку од европскиот просек од еден пожарникар на 1.500 жители. Покрај Скопје, најмногу пожарникари недостасуваат во Тетово, 65 и Гостивар со 52 пожарникари помалку од законски предвидениот минимум. Во Куманово недостигаат 49 пожарникари, во Битола има кусок од 32, а во Прилеп од 26 пожарникари.
Во Градот Скопје се свесни дека главниот град има еден пожарникар на 3.500 жители. Од тие причини лани се вработиле 20, а годинава ќе се вработат уште 25. Во меѓувреме, градските власти ќе инвестираат и во опрема.
„Градот Скопје во континуитет работи на подобрување на состојбата со Противпожарната бригада во Скопје. Минативе години набавен е нов симулатор за пламени удари кој се користи за вежби преку симулација на реални услови на пожар. Беше набавен нов разгласен систем и во целост беа заменети гаражните врати. Набавени се нови изолациони дишни апарати, униформи и чевли кои ги задоволуваат сите стандарди за безбедност, а обновена е и противпожарната опрема со нови црева и арматури. За подобрување на ефикасноста на Противпожарната бригада, пуштена во употреба е и новата станица во Ѓорче Петров. Во Буџетот за 2020 година предвидени се 22,6 милиони денари за набавка на нови униформи и зимски обувки“, потенцираат во Град Скопје.
Според податоците од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, меѓу општините со повеќе пожарникари од предвидениот минимален број се Охрид и Ресен, кои имаат само по двајца повеќе, како и Демир Хисар и Крушево со по еден пожарникар над минимумот.
Кога станува збор за возилата, сите противпожарни единици во земјава располагаат со 241 возило, каде спаѓаат не само возилата за гасење пожар и цистерните за вода, туку и сите други возила на противпожарните екипи. Просечната старост на возилата е 28 години и 68 отсто од нив се од минатиот век. За споредба, според истражувањето од пред точно една година, бројот на возила изнесуваше 220, просечно стари 27 години. За споредба, последното истражување на Центарот, за возилата на министерствата и општините покажа дека нивната старост, пак, е 12,5 години.
Во текот на 2019 година противпожарните единици во земјава го зголемиле бројот на возила за 26, но нивната просечна старост изнесува 18 години. Нови возила купиле само противпожарните единици во Прилеп, две, и во Демир Хисар, едно возило. Од друга страна Валандово и Струмица ги имаат двете најстари противпожарни возила во земјава, и двете произведени во 1966 година, односно стари по 54 години.