Скопје ги следи сите службени возила со GPS: Ѓорѓиевски најави поголема контрола на трошоците
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека сите службени возила со кои располагаат Град Скопје и јавните претпријатија се опремени со GPS-уреди и се следат преку современ систем за мониторинг, со цел да се намалат трошоците и да се спречат можни злоупотреби.
Преку системот во реално време се следат локацијата на возилата, нивната маршрута, брзината, времето поминато во движење и потрошувачката на гориво. Дополнително, со посебни сонди се контролира и нивото на гориво, што овозможува полесно откривање на неоправдани или нелогични трошоци.
Ѓорѓиевски вели дека секое возило, изминат километар и потрошен литар гориво мора да има оправдување, а воведувањето на системот е дел од, како што наведува, домаќинското управување со градскиот буџет.
Тој посочува дека и самиот не користи службено возило, туку се превезува со сопствен автомобил и горивото го плаќа од личниот буџет. Службеното возило што во минатото го користеле градоначалниците е ставено на располагање за потребите на Град Скопје.
Како пример за ефектите од ваквиот пристап, Ѓорѓиевски го посочува ЈСП – Скопје, кое во првите шест месеци, според неговите податоци, заштедило половина милион евра за гориво во споредба со истиот период минатата година, иако во системот дополнително биле вклучени 50 возила.
Според него, средствата што ќе се заштедат од непотребни трошоци треба да се насочат кон улиците, парковите, јавниот превоз, училиштата, културата и други потреби на скопјани. објави Скопје1.мк