Скопје ги одложи сите училишни екскурзии во Италија
Скопските училишта ќе ги откажат или ќе одложат на неопределено време екскурзиите во Италија, соопшти денес градоначалникот Петре Шилегов.
„Согласно со задолженијата добиени од Владата сите училишта своите планирани патувања и екскурзии во Италија ќе ги откажат или одложат на неопределено време. До крајот на оваа недела ќе биде одржан и едукативен час за превенција од вирусот согласно со препораките на Светската здравствена организација и Владата“, рече на прес конференција градончалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Тој нагласи дека денеска до директорите на средните училишта издал наредба раководните органи во училиштата внимателно да ги следат и целосно да се придржуваат на препораките за превенција и справување со корона вирусот кои ги даваат надлежните институции.
Шилегов дополни дека ќе се откажат и одложат патувањата и училишните екскурзии и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот, додека за сите преостанати патувања и екскурзии ќе се прават дополнителни безбедносни проценки.
Во 23 средни училишта на територијата на Град Скопје учат околу 21.600 ученици.