Скопје домаќин на вториот форум на библиотечната унија на земјите од централна и источна Европа и Кина


Во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ денеска се одржа втор форум на библиотечната унија на земјите од централна и источна Европа и Кина, при што беа претставени национални, градски и универзитетски библиотеки од земјите членки на унијата, потписнички на Декларацијата за културна соработка, како и библиотеки од нашата земја.

Претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева во своето обраќање на форумот посочи дека секоја современа библиотека е на некој начин, и дигитална библиотека.

Таа напомена дека градската библиотека дигитализацијата ја почнала во 2007 година и денес во дигиталната библиотека можат да се најдат ретки наши изданија на книги, периодика, фотографии…

Во своето обраќање таа ги спомена и заложбите на Град Скопје кои се инкорпорирани во неодамна усвоената Стратегија за развој на културата (2021-2030).

 

-Оваа стратегија се заснова на пошироко, интеркултурно, но и интер-ресорно разбирање на културата, што ги надминува традиционалните поделби на културните активности во уметноста, културното наследство, библиотекарство, креативните индустрии и живата култура, како и на етнички распределени ресурси, установи и визии, туку се стреми да ги вмрежи сите сектори, ресурси, визии и традиции во креирање на нова, жива и развојна интеркултурна креативна средина, рече Јанчева.

Според неа, пандемијата со Ковид 19 го погоди културниот и креативен сектор.

-Неизбежно е и да споменам колку пандемијата со Ковид 19 го погоди културниот и креативен сектор. Градот Скопје, со својот брз одговор на кризата преку иницирањето помош за загрозените градски уметници и создавањето карантински културни содржини, покажа дека е активен чинител во севкупните културни политики на земјата. А, токму забрзаната дигитализација е еден од одговорите кон оваа пандемија, додаде Јанчева.

Инаку, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ е членка на „Библиотечната унија на земјите од ЦИЕ и НР Кина“ од 2018 година кога беше одржан Првиот Форум на унијата во градот Ханџу, НР Кина, во градската библиотека. Библиотечната унија е дел од меѓународната соработка на Унијата на земјите од ЦИЕ и НР Кина и центарот за културна соработка на земјите од Унијата во Скопје.

Во 2012 година, официјално почна соработката меѓу НР Кина и земјите од централна и источна Европа, ЦИЕ. По пет години развивање на соработката, двете страни постигнаа достигнувања во различни области во кои културната размена одигра важна улога во консолидацијата на традиционалното пријателство и зајакнување на меѓусебното разбирање.

Со цел да се спроведе Акцискиот план за развој „ Belt and Road “ (2016-2020) издаден од Министерството за култура на Кина и да се зајакне соработката во областа на библиотекарството преку споделување на библиотечни ресурси, културна размена и техничка соработка, меѓународната библиотечна заедница силно се заложи за формирање Библиотечна унија на земјите од ЦИЕ и НР Кина.

Повеќе од 160 библиотеки и нивните претставници од Кина и земјите од централна и источна Европа (ЦИЕ) се собраа во Ханџу на Првиот форум на библиотечна унија и ја потпишаа Декларацијата на унијата за меѓусебна соработка на библиотеките. Градската библиотека во Ханџу е назначена за Секретаријат на унијата на библиотеки.

Настанот е дел од меѓународната годишна програма на Министерството за култура на Северна Македонија и годишната програма на културни настани на Град Скопје.